Кире Лазаров: Радува што лигата ни е квалитетна, тоа ќе донесе и уште поголем квалитет за репрезентацијата

Селекторот Кире Лазаров не ја крие гордоста што како кормилар на националниот тим успеа да обезбеди уште едно учество на големите натпреварувања.

Тој потенцираше дека процесот на смена на генерации е финиширан, доказ за тоа е што овој последен квалификациски циклус беше минат без помошта на ниту еден играч од претходната генерација на играчи, најуспешната во историјата на ракометната репрезентација.

„Успеавме како национална селекција повторно да се пласираме на едно големо натпреварување, на ЕП 2024 во Германија. Сакам да истакнам дека прв пат оваа наша селекција безз помош на ниту еден играч од претходната генерација успеа да се пласира на едно големо натпреварување. Во изминатиот период ја докомплетиравме смената на генерации, но се уште имаме три-четири поискусни играчи кои придонесуваат со својот квалитет и искуство“, истакна Лазаров.

Тој уште еднаш ги потенцираше беспрекорните услови за работа, националниот тим се наоѓа на подготовки во Стара Пазова, а Лазаров обелодени и дека контролниот меч со Црна Гора ќе биде одигран во невообичаен формат – три третини од по 30 минути.

„Почнавме да се подготвувавме за ЕП во јануари, ЕХФ-неделата во ноември ја искористивме за два пријателски натпревари со Грција, селекција што исто така ќе биде учесник на ЕП. Таму успеавме да стигнеме до една победа и едно реми, во два меча одиграни за помалку од 48 часа. Како и секој декември, во тек се подготовките за претстојното големо натпреварување, моментно сме на подготовки во Стара Пазова, каде имаме беспрекорни услови за работа. Договорено е да имаме пријателски натпревар со Црна Гора, што во консултација со нивниот селектор Владо Шола се договоривме тој меча да се игра „три по триесет минути“, за да може сите ракометари да добијат шанса и да испробаме што повеќе тактички варијанти. Сакам да се заблагодарам на РФМ за условите за работа, секогаш го потенцирам ова бидејќи е важно, бидејќи навистина имаме се што ни е потребно, на нас и на сите помлади селекции, како што доликува на најуспешниот спорт во Македонија“, вели Кире Лазаров.

Квалитетот на лигата е нешто што според Лазаров треба да ги радува сите во ракометната јавност, бидејќи голем плус за тоа ќе види и репрезентативниот ракомет.

„Ме радува што лигата од година во година е се поквалитетна, верувам дека тоа ќе придонесе да дојде до квалитативен скок и во националниот тим. Огромен процент од играчите доаѓаат од нашата лига, тоа е доказ дека успеваме да ги задржиме и добрите македонски играчи во своите клубови. Ракометот секогаш бил спорт 1, сакаме да остане така и во иднина. Мислам дека со целокупниот стручен штаб во изминатиот период одработевме одлична работа, формиравме репрезентација со генерација 2002 од која имаме повеќе репрезентативци и во сениорската репрезентација. Беа формирани и останати селекции за помладите генерации, тоа е тренд на работа што носи резултати, горди сме на него и ќе продолжиме во ист ритам во периодот што следи“, порача селекторот на сениорскиот национален тим.

Се вчитува...