КИРЕ ЛАЗАРОВ во мега-интервју: Сакаме да спречиме згаснување на македонскиот ракомет, затоа е потребен проект како Алкалоид!

Легендата на македонскиот ракомет и актуелен македонски селектор, Кире Лазаров, во опширно интервју за српски „Моцартспорт“ се осврнува на целокупните актуелности во светот на ракометот, причините зошто се одлучи да се впушти во тренерските води и да го преземе амбициозниот проект на Алкалоид, но и за се она што ја очекува македонската репрезентација во иднина.

Зошто тренерскиот повик, зошто Алкалоид и клупата на македонската репрезентација? Како се одвиваше тој процес од теренот до клупата?

„Секогаш бев подадена рака на тренерот на теренот. Секој стручњак мора да има таков играч, кој ќе биде алка на теренот, за да му помогне на тимот. Бев во најсилните клубови во Европа, како и во репрезентацијата на Македонија. Секој селектор во македонската репрезентација имаше доверба во мене, како капитен. Селекторите се менуваа, а јас бев подадена рака. Сакав да успеам. Бев многу амбициозен. Сакав да помогнам и околу атмосферата. Во тимските спортови секогаш има проблеми. Ми се допадна таа улога. Во меѓувреме бев и добар ракометар. Го разбрав овој спорт и подоцна научив многу од најдобрите стручњаци со кои работев во Барселона, Атлетико, Нант, Веспрем и Загреб. Многу пред крајот на мојата играчка кариера знаев дека ќе бидам тренер. Уживам во оваа функција, иако да се биде тренер е најтешкиот дел. Го сакам ова и се трудам да бидам што е можно подобар, да бидам на повисоко ниво. Сакав порано да се пензионирам, но се чувствував добро. Имав добар третман во клубот, од стручниот штаб, соиграчите, сите луѓе во Нант… Ги одиграв најважните натпревари и најважните моменти, кога искуството, квалитетот и интелигенцијата треба да дојдат до израз. Создадовме доверба. И така беше, уште една година, па уште една, и префрливме 40 години. Соработката беше добра, на обострано задоволство, затоа и ми приредија толку убав збогување. Имаше понуди да играм уште една сезона, но јас одлучив дека е готово“ – ја започна својата приказна Лазаров за „Моцартспорт“.

Знае Лазаров дека дојде во еден од најчуствителните моменти за македонската репрезентација – промената на генерациите, поради што често е на удар и од дел од ракометната јавност. Но, знае и дека аргументите се на негова страна…

„Промената на генерациите е чувствителен процес. Ние сме мала земја, немавме голем број играчи. Изборот е целосно променет. Сега имаме еден сосема нов пристап со овој проект Алкалоид каде шанса добиваат македонски играчи. Тоа беше идејата. Некои го поддржуваат тоа, некои не, некои ќе разберат, некои не“…

ЖИВКО МУКАЕТОВ Е НАЈДОБРОТО НЕШТО КОЕ МУ СЕ СЛУЧИЛО НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ – ТОЈ МНОГУ ИНВЕСТИРА ВО СВОИТЕ ДЕЦА ВО СВОЈАТА МАКЕДОНИЈА

Но, има и многу непријатели дома, кои не гледаат сите позитивно на она што го прави Лазаров и Алкалоид?

„Кога ќе се соочиме со таквите, аргументите се секогаш на наша страна. Имаме два клуба, Алкалоид и Мулти Есенс, кои инвестираат во македонските деца, кои добваат вистинска шанса. Имаме седум кадетски репрезентативци во Мулти Есенс. Проектот е поддржан од нашиот претседател Живко Мукаетов. Тој се бори за својата земја, за идентитетот на Македонија. Кога игра Пелистер навива Битола, кога игра Вардар го поддржуваат неговите навивачи, кога игра Алкалоид неговите навивачи. А, кога станува збор за претставување на Македонија, сите сме обединети во поддршката. Нашиот претседател се бори за тоа. Тие проекти чинат, чинат многу, но тој инвестира во своите деца и во земјата што ја сака Македонија“.

Како се роди проектот Алкалоид? Кога знаевте, рековте, ставам крај на играчката кариера, се враќам во Скопје?

„Се роди кога видовме дека мојата генерација нема достојни наследници во Македонија. Секоја чест за другите клубови, но им дадоа повеќе шанси на странците. Тоа е стратегија, ние ја почитуваме, но имаме друг концепт. Како ќе направиме резултат со Македонија ако немаме наш проект, за да добијат шанса македонските деца? Немаме толку ракометари кои играат во силни странски клубови како што има, на пример, во Србија, па решивме да се обидеме да ги задржиме во земјата. Сакаме да спречиме згаснување на македонскиот ракомет, македонската репрезентација. Одиме напред, потребно е време, но мислам дека стануваме конкурентни на национално и на меѓународно ниво. На добар пат сме, во година и пол колку што постои Алкалоид веќе играме во Лига Европа“.

ЗА Е. ПЕЛИСТЕР И ЗА ВАРДАР…. КАКО ДРЖАВА ГО ГУБИМЕ РЕЈТИНГОТ СО ЛОШИ НАСТАПИ ВО ЕВРОПА, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НЕ ДОБИ НИШТО ШТО ВАРДАР ДВАПАТИ БЕШЕ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН

Како гледа на настапите на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите сезонава кој нема ниту еден бод на девет веќе одиграни натпревари во европската елита.

„Видете, Е. Пелистер е наш претставник во Лигата на шампионите. Има 12 странски играчи, квалитетни странски играчи, но тешко се справуваат во елитата. Не дека уживам во поразите на нашиот ривал, но ние како држава го губиме рејтингот. Мислам дека ЕХФ треба да работи на тоа, секој да добие шанса. Мислам дека шампионот на секоја земја треба да има можност да стигне до Лигата на шампионите сега, дали преку квалификациите во септември или октомври, за подоцна да се стесни квалитетот. Немаме финансии како фудбалот и кошарката. Нашиот спорт е поевтин, и многу поевтин од кошарката и фудбалот. Ја гледам оваа шанса земјите од регионот да си го најдат своето место. Пелистер стигна до Лигата на шампионите, но не можеше да ги добие Киелце, Пари Сен Жермен, Кил, Веспрем, Сегед и потоа дојде до разочарување. Ова е проблем за нашиот спорт, мора да има желба и ентузијазам за да можат и помалите клубови да стигнат до кремот“.

Вардар двапати беше шампион на Европа, во 2017 и 2019 година. Тој не е ваш модел, ваша водечка идеја, вие сакате нешто поинаку?

„Му се восхитувам на Вардар на тоа што го направи, два пати беше шампион на Европа. Тоа го направи со странски играчи и јас го почитувам тоа. Тоа беше стратегија, се покажа дека е вистинската и му честитам за тоа. Мојата замерка за Вардар е зошто не работеше во исто време со помлади категории. Зошто немаше младинско возење во позадина? Со други зборови, беше како другиот тим, но не беше направено добро. Само Стојанче Стоилов од домашните играчи беше таму кога се освојуваа титулите европски прваци. Двете шампионски круни остануваат засекогаш запишани, се промовираше и Македонија, но репрезентацијата не доби ништо од тоа“.

Дали некогаш во своите играчки денови, а кога Вардар беше меѓу најдобрите во Европа, имаше шанса да игра за овој клуб?

„Играв тогаш за Атлетико Мадрид, кога ме повика рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Само што влезе во Вардар. Беше пролет, веќе имав потпишано за Барселона. Тоа беше тајна, никој не знаеше за тоа. Ми кажа дека ме сака во тимот, дека најдобриот македонски играч треба да биде во Вардар. Разговаравме во хотелот Палас. Тој направи се за да бидам дел од клубот и проектот. Цел живот чекав, работев напорно за да играм за Барселона, навивав за тој клуб. Реков: „Ти благодарам, сè е одлично, но ова беше мојот сон“. А понудата на Вардар беше финансиски посилна. Останав четири години во Барселона. Нешто внатре ми кажа дека Барселона е шанса што не треба да ја пропуштам. Мило ми беше што ме покани. Подоцна немаше можност, дојде и Нант, Вардар почна да се распаѓа и така… Никогаш не го облеков дресот на Вардар“.

КАКО ДЕТЕ НАВИВАВ ЗА ЦРВЕНА ЗВЕЗДА, ГО НОСЕВ ДРЕСОТ НА ПАНЧЕВ….

Во својата автобиографија Лазаров пишува дека како дете навива за Црвена Звезда?

„Како дете Црвена Звезда беше мојот омилен клуб. Сега гледам дека во Србија многу се вложува во кошарката. Ми се допаѓа и тоа што го прави Жељко Обрадовиќ во Партизан. Како мал ги носев дресовите на Пикси, седумката на Роберт Просинечки, но секако и од Дарко Панчев како мој Македонец. Слушав постојано радио преноси, тоа беше моето искуство во тоа време“.

Зошто македонската јавност е чувствителна ако некој од Македонија навива за Црвена Звезда или Партизан? Перо Антиќ лани беше изваден на столбот на срамот, кога на збогувањето на вашата генерација се појави во дуксер на Црвена Звезда.

„Перо е таков лик, таа е нашата ѕвезда. Треба да се прифати каков што е. Тоа е од интерес за јавноста. Лично го познавам, знае некогаш да претера, но таков е, и што е најважно успеа во животот“ – вели Кире Лазаров меѓу другото во големото интервју за „Моцартспорт“.

Се вчитува...