Кјелд Нуис постави светски рекорд во брзо лизгање (ВИДЕО)

Двојниот олимписки шампион, Холанѓанецот Кјелд Нуис, стана најбрзиот човек на мраз. Нуис лизгајќи на 1.500 метри на патека од природен мраз во Лулеу, Шведска, достигна брзина од неверојатни 93 км/ч.

Навистина се чувствував како да летам по мразот. Лизгав за 50 проценти побрзо од мојата најбрза трка во животот. На таа трка лизгав со 60 км/ч, а пред малку достигнав 93 км/ч. Лудо! Природниот мраз беше совршен, но неговата површина е малку груба. Всушност, летав преку неа. Моите лизгалки навистина се тресеа како луди и беше многу повозбудливо од тоа што очекував“ – истакна Нуис по поставувањето на светскиот рекорд.

Нуис на последните Олимписки игри во Пјонгчанг освои две златни олимписки медали во брзо лизгање, во дисциплините 1.000 и 1.500 метри. Но неговиот сон отсекогаш бил да постави брзински рекорд на мразот.

Во остварување на тоа му помогна специјално дизајнираниот воздушен штит чија намена е да го намали аеродинамичниот отпор. Штитот е тестиран во аеродинамичен тунел на напуштениот аеродром во Твенте, Холандија. На денот на поставувањето на рекордот, воздушниот штит по целата патека пред Нуис го влечел автомобил со кој управувала шведската натпреварувачка Михаела Ахлин-Котулинск.

„Кога излегов покрај штитот, ветерот ме оттурна назад. Беше исто како да сум ја извадил главата низ прозор на автомобил на автопат. Токму тоа чувство, но сето тоа на лизгалки со оштрици од 1,1 милиметар!“ – изјави Холанѓанецот.

Се вчитува...