Кјелини: Македонија има одлична репрезентација, но верувам дека ние ќе го добиеме натпреварот

На прес-конференцијата на Италија денеска капитенот Џорџо Кјелини ги искажа очекувањата од утрешниот меч. Призна дека кај италијанската репрезентација имало големо разочарување откако не обезбедиле директно учество на Мундијалот.

„Кога не се пласиравме директно на Светското првенство, кај нас имаше разочарување. Сега нема преголема тензија, не се соочуваме во вакво нешто првпат. Утре ќе биде убава атмосфера, имаме голема желба да играме. Знаеме што треба да направиме. Што се однесува до мене, ситуацијата со повредата е добра, и ќе гледам да бидам на располагање“, рече Кјелини.

Кјелини истакна дека Македонија не е случајно тука, и дека Италија треба да игра како лани на Европското првенство.

„Во последните месеци немавме среќа во квалификациите. Со Бугарија можевме подобро, со Швајцарија требаше двата меча да ги добиеме. Потребна ни е формата од Европското првенство. Македонија не е тука случајно, има одлична репрезентација која добро се брани. Познавам многу од играчите, но верувам дека ќе го добиеме натпреварот.“, вели дефанзивецот на Јувентус.

Прашан дали му треба Мундијал за да ја заврши репрезентативната кариера, одговори:

„Не, нема потреба со Мундијал да ја завршам репрезентативната кариера, но ќе ми биде жал ако не бидам таму. Сакаме да одиме во Катар, како и сите наши навивачи. Имаме силен тим и мораме да играме како што знаеме. Не треба да се плашиме, туку да уживаме во атмосферата која ќе биде присутна. Поддршка секогаш имаме, енергија имаме, така што верувам дека утре ќе биде се во наша корист“, заврши Кјелини.

Се вчитува...