КК Ангели: Сакаме да бидеме дел од Првата лига, ни треба само малку време

Вчерашниот состанок на прволигашите и идејата за проширување на елитното кошаркарско друштво на 12 екипи широко ја отвора вратата за КК Ангели да стане дел од Првата лига. Согласно регулативите, второлигашите кои не влегле во елитата согласно пласманот ќе имаат приоритет да го прифатат испразнетото место од Блокотехна, а раководството на КК Ангели многу сериозно ја разгледува оваа опција.

„Пријатно сме изненадени од поканата што вчера пристигна од КФСМ на адреса на нашиот клуб. По 15-годишно постоење и играње во сениорските лиги, минатогодишната сезона беше круна со пласманот во полуфиналето од Втората лига. За овој успех голема заслуга има и тренерот Горан Ѓоргиевски, а немаше да го оствариме доколку немавме помош од Општина Кисела Вода. Кај нас постои голема желба за да бидеме дел од Првата лига, но со оглед на фактот дека поканата ја добивме вчера, сепак ќе ни треба време за да одговориме“ – истакнува Благоја Кечовски, првиот човек на КК Ангели.

Желба на сите во клубот е доколку се биде дел од елитното друштво, да биде составен респектабилен состав.

„Денеска го известивме раководството на КФСМ дека сериозно ќе размислиме за нивната понуда, но дека за тоа ќе ни требаат дополнителни денови. Пред се затоа што наша цел не е само едногодишна авантура во Првата лига, туку креирање на ростер со млади играчи кои ќе добијат шанса, но и кои ќе имаат квалитет за да се изборат за опстанок во елитата. Мене како сопственик ќе ми треба време заедно со УО да се обидам да ги обезбедам неопходните финансии, но пред се време ќе му треба на тренерот Ѓоргиевски, да се обиде да состави конкурентен ростер за оваа лига“ – вели Кечовски.

Кога станува збор за салата на одигрување, нема дилеми околу желбата тоа да биде во општина Кисела Вода.

„Исто така, треба да добиеме официјална потврда од федерацијата дека нашата сала „Незвисна Македонија“ ги исполнува условите за натпреварување во Првата лига. Тоа ни е многу важно бидејќи како оптшински клуб сакаме да играме во нашата општина Кисела Вода, а самата сала летово е комплетно реновирана. Се надевам дека оваа покана ќе стане реалност бидејќи клубот заслужува да биде дел од елитата“ – порачува првиот човек на КК Ангели.

Се вчитува...