КК Работнички: Првенството да почне без клубовите должници

Најтрофејниот македонски клуб, КК Работнички, го одобрува ставот на раководството на КФСМ, кое обелодени новата кошаркарска сезона нема да почне додека обврските на клубовите кон куќата на кошарката не бидат подмирени. Се работи за вкупни долгови на прволигашите од околу 70.000 евра, информација која КФСМ ја сподели со јавноста во ЕКИПА.

Работнички бара и сите клубови да добијат идентичен третман. „Центарци“ посочуваат дека нивниот долг изнесува само околу 400 евра, јавно барајќи за разлика од минатото овојпат федерацијата да има еднаков третман кон сите клубови. Само за потсетување, Работнички гласно го критикуваше поранешниот претседател Наумоски поради дозволата ривалот МЗТ Скопје своите долгови кон тогашната МКФ (сега КФСМ) да ги плаќа на рати.

„КК Работнички го поздравува новиот принцип на работа на новото раководство на КФСМ и барањето за навремено плаќање на долговите на сите клубови кон Федерацијата. Она што сакаме да го потенцираме е дека КК Работнички со својот долг од 24 000 денари, кои како обврска има намера да ги реализира во најкус можен рок, не може да се најде и не припаѓа во ист кош со клубови што должат и по 20 000 евра, потенцираме евра. Затоа го поддржуваме барањето на КФСМ клубовите навремено да ги платат долговите, а воедно и бараме старт на првенството само со оние клубови кои ќе си ги платат обврските. Не сакаме повеќе, како што беше претходно, Федерацијата за некого да биде мајка, за некого маќеа. Кошарката мора да оди напред и да се развива како спорт, а тоа ќе може само доколку ние како клубови си ги реализираме обврските кон Федерацијата“ – се вели во реакцијата на КК Работнички.

Се вчитува...