Клетвата од 2018 година и натаму го следи Пеп Гвардиола?

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изгуби шесто полуфинале во Лигата на шампионите, откако прими два гола во 90. минута во Мадрид, а многумина зборуваат дека Шпанецот е „жртва“ на клетва од 2018 година.

Вистинско чудо беше како Сити не се пласираше во финалето. Имаше водство на „Бернабе“ до 90. минута од 0-1, и заедно со оние 4-3 од првиот меч, беше на чекор до Париз. Меѓутоа Родриго со два гола во две минути го однесе мечот во продолженија, а потоа магичниот Бензема од пенал му „пресуди“ на тимот на Пеп.

Гвардиола остана без финале, уште една година без толку посакуваниот трофеј од Лигата на шампионите кој 13 години го сонува.

После загубеното финале минатата година и сега ова полуфинале, сите зборуваат за клетвата од Африка која и натаму го следи Гвардиола.

Јаја Туре четири години беше под „команда“ на Пеп, две сезони во Барселона, и две во Сити, но во 2018 година дојде до скандал и караница, по што Туре го обвини Гвардиола за расизам.

„Сакам да бидам тој кој ќе го разбие митото за Гвардиола. Љубоморен е на мене, ме смета за ривал. Направи се да ме уништи. Се однесуваше грубо. Мислите ли дека ќе се однесува исто кон Иниеста? Не бев единствен, го почувствуваа тоа и другите играчи на Барселона. Тоа е поради бојата на кожата“, рече тогаш Туре.

Потоа следуваше изјавата на менаџерот на Туре.

„Уверем сум дека африканските шамани од сега нема да дозволат на Гвардиола да ја освои Лигата на шампионите. Ќе биде тоа африканска клетва кон Гвардиола, а времето ќе покаже дали сум во право или не“, изјави Димитри Селук тогаш.

Туре подоцна се извини за изјавата, но не и неговиот менаџер. А Пеп долго чека на титула во Лигата на шампионите.

Се вчитува...