Клоп: Денот кога нема да ме сакаат, си одам!

Јирген Клоп и официјално беше претставен како нов селектор на германската фудбалска репрезентација, со договор кој ќе трае до јуни 2030 година. Поранешниот менаџер на Ливерпул пред околу десетина дена постигна договор со Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), а денес беше промовиран на специјална прес-конференција.

На почетокот од претставувањето, потпретседателот на ДФБ, Ханс-Јоаким Вацке, упати благодарност до Ред Бул за коректниот однос при раскинувањето на договорот на Клоп, кој првично важеше до 2029 година. Во рамките на договореното, Германскиот фудбалски сојуз ќе организира три репрезентативни натпревари во Лајпциг, а ќе донира и неколку милиони евра на хуманитарната фондација „Крилја за живот“.

Очекувано, Клоп беше во одлично расположение и не ја криеше возбудата поради новата улога.

„Голема чест е да бидам денес овде. Последните неколку дена ми поминаа како филм – постојано размислував за патот што го изминав и од каде започна сè. Отсекогаш знаев колку е важна тренерската работа, но кога ќе станете селектор на Германија, чувството на одговорност е уште поголемо. Никогаш не можев да замислам дека еден ден ќе бидам на ова место. Искрено им благодарам на сите што придонесоа ова да стане реалност“, изјави Клоп.

Новиот селектор нагласи дека германскиот фудбал се наоѓа во важен период и дека успехот ќе зависи од трпелива и темелна работа.

„Ако некому не му е важна иднината на германскиот фудбал, тогаш не можам да му помогнам. Пред нас има многу работа. Најважно е сè да се гради на правилен начин, а не по секоја цена брзо. Не дојдов сам – со мене се и луѓе на кои им верувам. Ова не е проект за мене лично, туку за репрезентацијата“, истакна тој.

Клоп порача и дека нема проблем со критиките доколку резултатите не бидат според очекувањата.

„Слободно критикувајте ме ако нешто не функционира. Работата е единственото нешто што ме интересира. По ангажманот во националниот тим не планирам нова тренерска кариера. Би сакал ова да биде врвот на мојот пат. Кога ќе почувствуваат дека повеќе не сум вистинскиот човек, ќе ми кажат и ќе си заминам. Без никакви отпремнини“, порача новиот селектор на Германија.

Се вчитува...