Клубовите не плаќаат: Нотарите во акција за да нема ново одложување

Секое лето се повторува историјата во мак-баскетот, клубовите да не ги подмируваат заостанатите долгови кон федерацијата, што речиси секогаш придонесува да дојде и до одложување на стартот на сезоната. Трендот е задржан и во пресрет на новата сезона, откако голем дел од клубовите должници повторно ги пробија сите рокови што им беа дадени од раководството на КФСМ.

Како што претходно информираа од куќата на кошарката, долгот на прволигашите во текот на летово изнесуваше околу 70.000 евра, а сите клубови се обрзаа да го платат својот дел од овој огромен долг до стартот на сезоната. Само дел од прволигашите останаа на дадениот збор, додека голем дел од нив се уште имаат значителни долгови кон федерацијата, на само два дена до стартот на новата сезона.

Во ситуација кога почетокот на шампионатот еднаш беше одложуван поради распадот на АВ Охрид, челниците на КФСМ зедоа пример од претходното раководство, па наплатата ќе ја осигураат со нотарски договори. Имено, сите клубови кои ги немаат подмирено обврските кон куќата на кошарката ќе добијат рок од дополнителни 30 дена, но овојпат ќе потпишат и нотарски договор со банкарска гаранција што ќе биде активирана доколку прволигашите повторно не останат на зборот.

За жал, старите навики на неплаќање во македонските кошаркарски колективи не изумираат.

Се вчитува...