Клучен меч за финалниот тек на мундијалските квалификации: Државниот празник како мотив за триумф над Романците!

Македонската репрезентација се наоѓа, се чини, пред клучниот натпревар околу натамошниот тек на квалификациите за СП 2022. Мечот со Романија вечерва од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ и дефинитивно може да ја одреди насоката околу амбициите за последните четири натпревари во групата.

Македонија ја очекува првата победа на официјален дуел, уште по онаа мартовска против Германија, па неизбежно јасна е желбата да се дојде до трите бода против Романците, иако сите во националниот табор се свесни дека ќе биде повеќе од тежок натпревар.

„Романија е многу сериозна репрезентација. Имаат квалитетни индивидуалци и доаѓаат во добар момент за нив. Но, ние сме сконцентрирани на нашата игра и како треба да изгледаме на терен. Ова ќе биде сосема поинаков натпревар од тој во Букурешт. Не мислам дека е одлучувачки за нашето место во квалификациската група. Се надевам дека до крајот ќе бидеме во игра за второто место. Фудбалерите се мотивирани и подготвени за надигрување. Јас сум задоволен од начинот на кој ги одигравме двата натпревевари. Со само два-три тренинзи сите тактички задолженија ги одработија на одличен начин и ова е правецот кон кој треба да се движиме и во иднина“ – вели македонски селектор Боби Милевски, притоа дополнувајќи:

„Единствениот проблем со Исланд беше нашиот психолошки момент, но работиме и на тој аспект. Се друго, технички-тактички беше на високо ниво и со многу дисциплина. Фудбалерите сега имаат поинаков начин на работа и задолженија, ги прифатија на најдобар начин и им оддавам признание за тоа“.

Чуварот на мрежата, Столе Димитриевски верува дека тимот ќе биде на максимално ниво денеска во желбата за позитивен резултат.

„Мојата цел ќе биде како и на првиот натпревар, ќе се обидам заедно со соиграчите да не бидам совладан. На претходните два меча шансите на противникот се минимизирани, тоа зборува за нашата добра поставеност во дефанзива и дека целосно ги разбираме тактичките барања на селекторот. Одигравме одлични 75 минути во Исланд, направив грешка за првиот гол, а потоа ни се случи психолошки пад. Но, анализиравме, работевме на сите аспекти во играта и се надевам дека денеска ќе бидеме на високо ниво“ – вели Димитриевски.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (6. коло)

МАКЕДОНИЈА – Романија (20:45 ч.)

Германија – Исланд (20:45 ч.)

Ерменија – Лихтенштајн (18 ч.)

Се вчитува...