КМФ Проект го освои трофејот во Купот на Македонија откако во финалето што се одигра во Гевгелија го совлада КМФ Кеги Моби од Велес со 8:3.
Тимот од Валандово го оправда фаворитскиот статус и забележа убедлива победа, а серијата погодоци ја отвори Горан Стојанов во 4. минута. Три минути подоцна Бојан Јанев зголеми на 2:0 додека третиот гол беше дело на Мартин Тодоровски, а веќе во десеттата КМФ Проект имаше предност од 4:0, откако Стојанов повторно се запиша меѓу стрелците.
Во 19. минута трет гол на Стојанов за убедливи 5:0, а во последната минута од првото полувреме Трајче Трајков го постигна првиот погодок за КМФ Кеги Моби.
Во продолжението од натпреварот Никола Анчевски зголеми на 6:1, Кирил Ивановски беше стрелец на вториот гол за Велешани. Во последните десет минути од натпреварот гледачите во Гевгелија имаа можност да видат уште три погодоци. Анчевски и Ѓорѓи Коцевски беа прецизни за освојувачот на трофејот КМФ Проект додека Ивановски по втор пат се запиша во листата на стрелците за треттиот погодок за КМФ Кеги Моби.
Екипата на КМФ Проект за прв пат триумфираше во Купот на Македонија, а составот од Валандово ја освојува двојната круна по потврдување на првото место во националниот шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
