Џејмс Харден постигна над 30 поени на последните 27 натпревари на Хјустон, но легендарниот Коби Брајант воопшто не е импресиониран од настапот на „ракетите“. Напротив, Брајант смета дека токму поради себичниот пристап во играта на Харден, овој тим нема никакви шанси да го симне Голден Стејт од тронот на НБА-лигата.
„Разбирам една работа, дека тој мора да ги презема работите во свои раце за тимот да победува. Сепак, лично не сум фан на она што го гледам, Хјустон нема препознатлив стил на игра, а без сопствен стил не се освојуваат титули. Играта на тимот мора да се базира на многу повеќе кошаркари, бидејќи кога ќе дојде времето за битка за трофеи, победува екипата, а не индивидуалецот. Затоа сметам дека себичната игра на Харден на долг рок му прави проблеми на Хјустон, иако моментално гледано носи победи“ – истакна Коби Брајант.
Не се чекаше многу ниту на одговорот на Харден, кој причината за големиот број на земени шутеви секој натпревар ја гледа во повредите на тимот.
„Ја имам топката во рацете повеќе од нормално бидејќи имаме проблеми со повредите. Кога Крис Пол ќе се врати во топ-ритам и кога Ерик Гордон ќе биде целосно рехабилитиран, ќе имаме повеќе играчи кои се способни да реализираат во серија. Се сложувам со она што го вели Коби, но овој стил на игра нема да продолжи кога ќе бидеме комплетни“ – одговори Харден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА