Кочоски со победа во Серес ја почна одбраната на титулата во Европскиот мотоциклистички шампионат (ФОТО)

Македонскиот мотоциклист Синиша Кочоски со одличен настап ја започна новата авантура во најсилната класа во БМУ Европскиот шампионат, каде го брани трофејот освоен минатата сезона. Членот на „Silent Hunters“ имаше забележителен настап во првиот викенд од новата сезона, откако на патеката во Серес, Грција освои прво и второ место.

Во првата трка одржана во саботата, Кочоски успеа да го „грабне“ првото место и да ја запише дебитантската овосезонска победа, додека во втората трка заврши на второто место. Треба да се напомене дека Кочоски новата сезона ја започна со нов мотицикл, откако шампионскиот „Кавасаки“ замина во историја и ќе ја красни неговата гаража. Шампионот во новата сезона ќе води мотоцикл од брендот „БМВ“.

„Задоволен сум од пласманот во првите две трки. Како и секој почеток, така и овој е многу тежок. Полека се прилагодувам на новиот мотоцикл затоа што се работи за две различни конфигурации и треба време да се прилагодам целосно за да бележам подобри резултати. Сепак, среќен сум што сезоната ја започнав со победа и второ место. Ветувам дека и во текот на целиот шампионат, јас и мојот тим, ќе го даваме максимумот за да оствариме нов голем успех. Сакам да им се заблагодарам на спонзорите и семејството кои и оваа сезона се мојата најголема поддршка“, рече Кочоски.

Вториот викенд од БМУ Европскиот шампионат ќе се одржи во јуни, но следен предизвик за Кочоски ќе биде стартот на сезоната во ФИМ Европа и Алпе Адриа шампионатот, кои започнуваат кон средината на мај на патеката во Гробник, Хрватска.

Се вчитува...