Кочов: И покрај пеколниот ритам, одигравме квалитетно против Кожув

МЗТ Скопје Аеродром на убедлив начин ја почна одбраната на трофејот во Купот на Македонија славејќи со 89-62 во четвртфиналниот дуел против Кожув. Следен противник е градскиот ривал Работнички во полуфиналето.

Тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов, е задоволен од изданието на тимот и потенцира дека кошаркарите одиграле квалитетно и покрај пеколниот ритам на натпревари изминатиов месец.

„Им честитам на моите играчи за прикажаното на терен, одигравме навистина еден пеколен натпревар, во период кога ние одигравме сигурно некои 15 натпревари за еден месец. И покрај тој пеколен ритам играчите покажаа карактер и го изиграа она што се договоривме. Ова сега мора да го заборавиме и да собереме сили. Утре играме со Работнички во полуфиналето, кој е еден од најквалитетните тимови. Наше е да дадеме максимум па ќе видиме што ќе се случи“, изјави Ѓорѓи Кочов.

Тренерот на Кожув, Александар Јончевски, признава дека МЗТ Скопје Аеродром во моментот е многу поквалитетен тим и заслужено стигна до четвртфиналната победа.

„МЗТ беше дефинитивно фаворит, одигравме натпревар пред некој ден против нив. Го искористија фактот што се одлично покриени на секоја позиција, особено во играта под кошевите. Ние имавме проблем со ростерот, со повредени играчи како Игор Кесар со кого ни се основаше играта во последниот период. Се забележа отсуството на неговото искуство на теренот. За жал не успеавме да го повториме оној натпревар од пред месец дена. Се обидовме на неколку начини да се вратиме, лошо отворивме и не успеавме. Им честитам на момците од МЗТ за победата“, изјави Александар Јончевски.

Се вчитува...