Кочов: Моја желба е МЗТ Скопје Аеродром да се врати во АБА

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром десетина дена се во тренажен процес, во обид полека да се вратат во посакуваната форма по принудната петмесечна пауза поради пандемијата со коронавирусот. Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање го има речиси комплетниот тим со кој ќе се обиде да дојде до посакуваните цели во новата сезона, без последното засилување, Тодрик Гочер, кој викендов треба да пристигне во Скопје.

„Пандемијата негативно се одрази врз целокупното човештво, а ние не бевме нималку поштедени, односно бевем директно погодени бидејќи нашето егзистирање од кошарката беше ставено под знак прашалник. Времето го искористив за следење онлајн-семинари, кои навистина ги имаше премногу. Дури и нашиот тренер Никола Велев имаше свое излагање, кое беше навистина одлично следено и оценето. Без разлика што бев оневозможен да држам тренинг во сала, секојдневно бев со кошарката по минимум 5-6 часа и сега сум нетрпелив сите нови работи научени овие месеци да им ги пренесам на моите кошаркари“, вели Кочов за клупскиот сајт. 

Кочов вели дека главна цел на клубот во новата сезона е да се врати во АБА лигата.

„Моја најголема желба е да го видам МЗТ Скопје Аеродром во АБА-лигата. Покажавме голема константност во АБА2 и домашното првенство изминативе години, меѓутоа тоа што не сме регионални прволигаши ми е голема болка. Само посакувам да сме здрави, првенството да се игра и конечно да го зададеме последниот удар и сликата да биде целосна, а со тоа и нашето оддолжување кон клубот, кој ни дал шанса биде целосно“.

Се вчитува...