Кочов: Задоволен од победата, крајно разочаран од играта

Тренерот Ѓорѓи Кочов не го криеше незадоволството од играта на МЗТ Скопје, без оглед на конечниот исход и победата. Тој потенцираше дека ќе мора да се отстранат пропустите во текот на денешниот дуел со Борац Чачак, за истите да не се повторат на следните натпреври.

„Им честитам на моите играчи за победата. Среќен сум што триумфиравме, но крајно сум незадоволен како игравме. Имавме пропусти, ни останува утре да ја гледаме оваа средба, да анализираме и да ги поправиме грешките. Игравме без идеја, направивме почетнички грешки при примопредавање на топката, но најважен сепак е победничкиот конечен исход. Ако нешто треба да се пофали, првпат натскокуваме некоја екипа, и тоа со 18 скокови повеќе од противникот“ – истакна Кочов.

На спротивната страна, Марко Мариновиќ со право беше незадоволен што неговиот тим пропушти шанса да слави во Скопје.

„Пред се сакам да му честитам на МЗТ за заслужената победа. Ние имавме свои шанси, не ги искористивме. Тие погодија некои тешки шутеви, знаевме како ќе играат, но попушти концентрацијата пред крајот на мечот и тоа резултираше да дојде до ваков конечен исход. Игравме добро одреден период, но недоволно добро за да победиме“ – истакна гостинскиот стратег.

Разочаран од конечниот исход беше и поранешниот центар на МЗТ, Ѓорѓе Мајсторовиќ, сега член на Борац Чачак.

„Пред се, загубиввме поради нашата катастрофална одбрана во второто полувреме и ненаоѓањето решение за зоната на МЗТ. На крајот попуштивме, 25 минути добро се држевме, но направивме глупави грешки кон крајот. Овој пораз е исклучиво наша вина“ – прокоментира Мајсторовиќ.

Се вчитува...