Кога го нема Марк, тука е Алекс – Маркез најбрз во Сепанг

Шпанскиот мотоциклист Алекс Маркез е победник на трката за Големата награда на Малезија што се одржа на патеката Сепанг.

Возачот на Гресини возеше фантастично и во отсуство на повредениот светски шампион Марк, го натера семејството Маркез да ја продолжи својата доминација во „кралската“ класа на шампионатот Мото ГП.

Веќе во вториот круг, Алекс ја презеде лидерската позиција од мотоциклистот на Дукати, Франческо Бањаја, и не ја испушти до крајот, додека Италијанецот предвреме ја заврши трката. 

Друг Шпанец, Педро Акоста на КТМ, ја заврши трката на второто место, а подиумот полн со мотоциклисти од оваа земја го заокружи возачот на Хонда, Жоан Мир.

Марк Маркез претходно ја обезбеди седмата титула светски шампион во најсилната класа, Алекс ќе ја заврши сезоната на второто место, додека Франческо Бањаја моментално е трет.

Се вчитува...