Кои се фудбалерите со најмногу картони на Мундијалите?

Славниот Зинедин Зидан кој како играч ја предводеше Франција до шампионската титула на Светското превенство во 1998 година, е фудбалер што добил најголем број картoни во текот на светските фудбалски првенства.

Зидан кој по потекло е од Алжир, во дресот на репрезентацијатата на Франција настапуваше на Мундијалите во 1998, 2002 и во 2006 година, одигра вкупно 12 натпреври, а на Светските првенства казнет е со шест картони, од кои два црвени и четири жолти.

Првиот црвен картон, Зидан го доби на СП 1998 во дуелот од групната фаза меѓу Франција и Саудиска Арабија. Франција на овој натпревар славеше со 4-0, а Зидан го напушти теренот во 71.минута откако судијата му покажа црвен картон.

Но, овој прв црвен картон на Зиндин Зидан на Мундијалите не остана толку запаметен како оној што го доби осум години подоцна, во финалето на Светското првенство во Германија во кое играа Франција и Италија. На „Олимпискиот стадион“ во Берлин, Зидан уште во седмата минути им донесе водство на „триколорите“. Само 12 минути подоцна, Марио Матераци изедначи на 1-1 што беше и конечен резултат во регуларниот дел од натпреварот.

Стрелците на двата гола беа „на сцена“ во 110.минута кога Зидан со глава го удри Матераци во градите и доби црвен картон. Италија потоа беше подобра во изведувањето на пенали и го доби финалето со 5-3. Сепак, главата на Зидан во градите на Матераци е моментот по кој остана запаметено ова финале и целиот Мундијал.

Зад Зидан со најголем број жолт картони на Мундијалите се Бразилецот Кафу, Камерунецот Ригоберт Сонг, Аргентинецот Диего Армандо Марадона и Германецот Лотар Матеус.

Кафу на 10 одиграни натпревари има добиено шест жолти картони, Сонг во девет меча добил три жолти и два црвени, а легендарниот Марадона во 21 натпревар на Светските првенства има четири жолти и еден црвен картон. Матеус со репрезентацијата на Германија има одиграно 25.мундијалски натпревари на кои добил пет жолти картони.

Уругваецот Серхио Баптиста на СП во 1986 година во Мексико, влезе во историјата како сопственик на најбрзодобиен црвен картон. Баптиста беше исклучен од игра во 56.секунда во дуелот Уругвај-Шкотска.

Прв исклучен фудбалер во историјата на Светските првенства е Перуанецот Марио де Лас Касас. Тоа се случило на СП во 1930 година, во финалето на првиот Мундијал во Уругвај меѓу Перу и Романија.

Прв голман кој е казнет со црвен картон е Италијанецот Џанлука Паљука на СП во 1994 година. Во натпреварот од групната фаза против Норвешка, Паљука доби црвен картон во 21.минута. Иако остана без својот голман, Италија со голот на Дино Баџо во 69.минута ја победи Норвешка.

Се вчитува...