Ракометарите на Алкалоид на убедлив начин, со две победи над италијански Бриксен, се пласираа во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп.
Сега македонскиот тим го очекува битката за полуфиналето во кое како можни противници се јавуваат екипи од Норвешка, Исланд, Србија, Грција, Романија и БиХ. Три исклучително силни противници и четири нешто полесни предизвици се опциите за Алкалоид во желбата за продолжување на европската пролет.
Можни противници на Алкалоид во четвртфиналето се Баја Маре (Романија), Рунар Сандерфјорд (Норвешка), Партизан (Србија), АЕК Атина (Грција), Извиѓач (БиХ), Хаукар (Исланд) како и победникот од последната осминафинална пресметка меѓу Драмен (Норвешка) и Олимпијакос (Грција).
„Сега не очекува четвртфиналето во кое има три навистина квалитетни можни противници кои посакуваме да ги избегнеме на ждрепката во вторник. Сега сме во најдобрите осум во ЕХФ купот и сигурно желбата е да се води максимална битка за полуфинале. Ќе се играат мечевите во еден период во кој ќе има доста натпревари, како клупски така и репрезентативни, и јасно е дека ќе мора да одиграме и на едно повисоко ниво во четвртфиналето ако сакаме продолжување понатака во Европа“ – вели тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров.
Ждрепката за четвртфиналето е закажана на 25 февруари. Првите натпревари ќе се играат на 22/23. март, додека реваншите се на 29/30. март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА