Кои се најплатените кошаркари во Европа?

Бурно беше на кошаркарскиот пазар во текот на летово, неколку екипи донесоа значајни засилувања, а воедно се крена и вредноста на кошаркарите кои настапуваат во елитното европско натпреварување. Поранешниот ас на Реал Мадрид, Никола Миротиќ, направи „бум“ со одлуката за враќање од НБА назад во Шпанија, и тоа во лутиот ривал Барселона.

Шпанскиот репрезентативец доби понуда што не се одбива – пет милиони евра по сезона, со што стана најплатен кошаркар во Европа. Со овој договор Миротиќ го надмина и Алексеј Швед, кој во Химки има загарантирани 3,6 милиони евра по сезона. На третото место се наоѓа „кралскиот центар“ Еди Тавареш. „Џинот“ од Капе Верде неодамна потпиша нов договор со Реал за плата од три милиони евра по сезона.

Нандо де Коло летово изненади со одлуката да ја напушти ЦСКА Москва и да потпише со Фенербахче, каде францускиот бек ќе заработува 2,3 милиони евра годишно. Веднаш зад него, со плата од 2,2 милиони евра по сезона е новиот тимски соиграч Јан Весели, рамо до рамо со Ник Калатес од Панатинаикос.

Серхио Љуљ во Реал Мадрид заработува по два милиони евра по сезона, а исто толку зема и Серхио Родригез со договорот што шпанскиот плејмејкер го потпиша со Милано. Рамо до рамо со нив се и Кори Хигинс и Алекс Абринес од Барселона, како и Костас Слукас, кој доби зголемување на платата по покажаната лојалност и потписот на новиот договор со Фенербахче.

Се вчитува...