Кој би рекол: На „шопинг“ беше цела Примера, освен Реал Мадрид

Реал Мадрид заостанува огромни 19 бода зад Барселона, згора на тоа беше и елиминиран во Копа дел реј од Леганес, а пред „кралевите“ е и огромен предизвик во Лигата на шампионите, каде во осминафиналето за ривал го добија дрим-тимот на ПСЖ. Во една таква ситуација за очекување беше Флорентино Перез да тргна во напад и да ангажира барем едно до две засилувања за да го освежи играчкиот кадаар, но првиот човек на „кралевите“ остана премногу тивок на пазарот. За се да биде уште поинтересно, од 20-те екипи кои се дел од Примера дивизион останатите 19 довеле барем едно засилување во своите редови, а само големиот Реал Мадрид остана неактивен во овој преоден рок.

Само за потсетување, Барса го доведе Кутињо, Атлетико се засили со Диего Коста и Витоло, Валенсија го освежи тимот со Вието, Лајун од Порто ја засили Севилја, па дури и Атлетик Билбао плати висока сума за нов фудбалер, Ињаги Мартинез од Реал Сосиедад. Во меѓувреме, Реал Мадрид беше поврзуван со бројни имиња, од Мауро Икарди преку Кејн, Паредес, Де Хеа и Азар, но сето тоа остана на „празни муабети“ без реализација. Најблизу до потпис беше голманот Кепа, но тој во последен момент се откажа бидејќи не сакаше да ја грее клупата во Мадрид, па потпиша нов договор со Атлетик Билбао.

Едно е јасно – Барса посилна за Кутињо ќе биде огромен ривал и во следната сезона, за кога Реал ќе мора да инвестира многу пари во неколку врвни засилувања доколку сака да се бори за титулата во Примера. Приоритет им останува голгетерската позиција, каде се споменуваат Икарди или Кејн како замена за Бензема, кој игра разочарувачки сезонава, но и нов голман, каде Перез ќе бира меѓу Де Хеа и Куртоа.

Се вчитува...