Кој е Димитар Андреев – Македонецот што го застана на нозе Кјелце

Во јавноста не е многу експониран, но меѓу спортистите, посебно оние што имаат мака со повреди, името на Димитар Андреев е многу добро познато. Андреев е специјалист по спортска медицина, магистер по кинезитерапија и докторант од областа на кинезиологијата. Познат е по својата практика и методите за брза рехабилитација од повреди. А, дека добриот глас на далеку се слуша, се покажа и неодамна кога од него побараа помош и го повикаа во Кјелце да им помогне во санирањето на повредите на нивните ракометари.

Талант Душебаев на почетокот на сезоната се соочи со серија проблеми и со преполовен состав поради повредите. Меѓу повредените беше и хрватскиот репрезентативец, Лука Циндриќ кој летово го засили полскиот шампион. Токму поранешниот ракометар на Вардар беше линкот преку кој Кјелце стигна до македонскиот специјалист за спортски повреди. И тој му помогна на полскиот шампион да се справи со проблемите и да застане на нозе.

Имаше проблем, Циндриќ не можеше да се врати на терен после повредата, бевме во контакт за консултации, а потоа ме повикаа од Кјелце за да се реши проблемот, бев таму четири дена. Бев повикан и отидов во Полска заради Циндриќ, но се покажа дека има многу повредени играчи во Кјелце. Ципура го третираа со некоја друга повреда, се потврди дека не е тоа туку дека има друг проблем. Во консултација со лекарите и физиотерапевтите во клубот го решивме проблемот и тој брзо се врати на терен и бранеше без проблем. Проблеми со повредата имаше и Марко Мамиќ,  Јурецки имаше проблем со лактот. Покрај Циндриќ, ги истретирав и сите нив. Кај Циндриќ го средивме проблемот и после тоа беше најдобар играч на натпреварот со Рајн Некар Левен“ – раскажува Димитар Андреев  или „Митката“ како што често го викаат спортистите кога бараат помош или совет.

На листата на Андреев се многу спортисти – ракометари, ракометарки, фудбалери, па и тренери на кои им помогнал со соодветна терапија или со совети.

„Еве, последниот пат, Штербик дојде специјално кај мене. Бил и во Германија да му ја санираат повредата, но на крај искомунициравме, дојде овде, му се реши проблемот и си брани во Веспрем без проблем. Неодaмна кога се повреди Илија Абутовиќ и докторот од Рајн Некар Левен контактираше со мене да се консултира, со оглед на тоа што јас добро го познавам неговиот организам“ – вели Андреев.

Тој извесен период беше дел од медицинскиот тим во машката ракометна репрезентација на Македонија и ракометарите се тие кои најчесто бараат помош во санирањето на повредите или во консултација за превентивни мерки.

Долгогодишната работа со играчите, дозволува консултацијата со играчите поради нивното отсуство и нивниот ангажман во странство да се одвива телефонски. Ја почитувам нивната грижа за своето здравје. Еден од нив е Кире Лазаров, врвен играч кој држејќи се до својата професионалност знае да ме контактира по телефон и да решиме ако има некоја грижа за евентуален настанат проблем. Од овој тип на посветеност не отстапува ни Филип Миркуловски, исклучителен професионалец и човек. Тој е спортист кој максимално го одржува своето здравје да може да одговори на потребите на ракометна игра. И тој е еден од играчите што ми ја дал довербата да одговорам на неговите проблеми кои ги има, што е мое огромно задоволство. Извесен период бев дел и од медицинскиот тим во македонската ракометна репрезентација. Освен со ракометарите и ракометарките, јас соработувам и со фудбалерите, нешто поретко и со кошаркарите, претежно во некои индивидуални случаи. Имав многу рехабилитации со повреди на колената. За секој третман или за секој пациент пишувам посебен труд, имам доста трудови напишано особено за спортистите кои имаат оперирано преден вкрстен лигамент и кои што се враќаат за три месеци“ – вели Андреев.

Открива дека најтежок случај му била повредата на поранешниот пикер на Вардар, Алем Тоскиќ…

Ми се јавија од Вардар на полноќ дека Тоскиќ се повредил на тренинг и има проблем. Ме повикаа, ме однесоа кај него, тој не можеше да се движи, имаше дислокација на прешлен. За четири часа успеавме да ја санираме повредата, се лоцираше на правилно место се воспостави контакт, се релаксира, се ослободи и никој не веруваше дека другиот ден тој ќе се врати на терен. Тоскиќ се врати на терен и на натпреварот следниот ден беше најдобар стрелец“

Од неговата практика истакнува дека токму ракометарите се најподложни на повреди поради специфичноста на спортот, но Димитар ги издвојува и како најдисциплинирани пациенти.

„Ракометот е многу контактен и груб спорт. Во секој контакт се прави повреда и телото бара опоравување, овде рехабилитацијата во тој дел е многу слаба. Најчести повреди се на колената, рамената, лактите… зависи. Сега намален е малку процентот на повреди на стапалата и на зглобовите бидејќи користат разни помагала. Но, најголемиот проблем е во тоа што нема соодветна едукација на „стречинг методи“. Тие „стречинг методи“ помагаат за подготовка на телото како да се активира, како да се дадат информации на мозокот за тој да се активира побрзо, со побрза динамика. И после завршувањето на активноста, дали е тоа тренинг или натпревар, ја нема таа култура да се изрелаксира телото со таа методика на „стречинг“, да се опушти телото од тој стрес што му бил наметнат во моментот кога си бил активен. Но, меѓу спортистите со кои јас соработувам, има големи професионалци кои навистина слушаат и ги следат инструкциите, кои што знаат што значи ова и оваа практика за нивното тело и воопшто за кариерата. Тоа дефинитивно е Филип Миркуловски, или Кире Лазаров, Тимур Дибиров исто така, Игор Карачиќ, Вуко Борозан…има многу. Тоа е повеќе индивидуално. Но, во глобала, медицинскиот и рехбилитациониот дел во нашиот спорт е катастрофа“ – истакнува Андреев.

Негова идеја и тенденција е сето тоа во скоро време да добие еден нов лик. Се залага и работи на унапредување на спортската медицина во Македонија со стручност и примена на современите  методи и најсовремената светска техологија во оваа област.

„Точно на тоа се базира новиот центар за спортска медицина, кој ќе биде опремен со најсовремена технологија. Се се тоа мои идеи кои настојувам да ги имплементирам овде во Македонија. Јас се занимавам стриктно со патологија од спортски карактер, рехабилитацијата на спортистите после повреда да трае колку што е можно пократко, и што е можно побрзо да се врати на терен, да нема последици после прекинот. Има посебни методи и техники за кои сум посебно школуван и обучен. И затоа всушност сум донесен овде за реализација еден нов проект во спортската медицина – најавува Димитар Андреев.

Се вчитува...