Македонија веќе има три победи во првите претквалификации за Евробаскет 2021 и иако не е математички потврдено сепак повеќе од јасно е дека нашите кошаркари ќе ја минат оваа рунда и ќе се пласираат во следната фаза. Како што стојат работите, таму „црвено-жолтите“ ќе се сретнат со Косово, како и со послабата селекција во групата меѓу Хрватска и Холандија.
Според новите пропозиции на ФИБА Европа, минувањето на оваа рунда не значи и пласман во главните квалификации, па така на избраниците на Давитков им следи уште една група од три репрезентации во која мора да го освојат првото место, за да се доведат во ситуација да играат против најдобрите национални селекции на Стариот континент.
Веќе беше извршена и ждрепката, според која победникот од нашата група ќе се најде во групата Б од втората претквалификациска рунда, заедно со селекциите кои ќе бидат последни во групите Ц и Д од квалификациите за СП 2019. Кога станува збор за групата Ц, тука „заковани“ на последното место се кошаркарите на Косово, со четири порази на досегашните четири средби. Шансите за опстанок се сведени на теорија, па така Косово за избегнување на последното место ќе треба да слави преубедливо на домашен терен и над Унгарија и над Полска, од кои во првите средби загуби со осум, односно 28 поени разлика.
Многу поинтересно е во групата Д, каде моментно Холандија и Хрватска водат битка за избегнување на „фенерот“, откако „коцкестите“ вечерва по голема борба славеа со 82-78. Холанѓаните славеа со седум поени во првиот меч, па доколку двете селекции завршат со идентичен скор, Хрватска ќе биде репрезентацијата што ќе и се спротивстави на Македонија во новата претквалификациска рунда што ќе стартува во септември. Не се исклучува ниту можноста нашите кошаркари да се сретнат со својот поранешен директор Заре Марковски, кој моментно со селекцијата на Романија се наоѓа на второто место во групата, но со два порази во последните две кола би можел да падне и на последната позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА