КОЈ И КАКО ГО ВОДИ ФК ВАРДАР!? Самопрогласени менаџери или Фабијани, анонимни „финансиски директори“ или Неделковски!?

Експресната елиминација на Вардар уште на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите, и тоа како, отвори бројни прашања кои силно го оптоваруваат најтрофејниот македонски клуб од кого, искрените љубители на фудбалот, очекуваа многу повеќе од само прошетка во најквалитетното европско клупско натпреварување.

По, оние срамни аматерски подготовки во Италија, скапо платени а ефтино реализирани, а дополнети и со начинот на кој беше воден Вардар низ двомечот со фински Купс од новиот тренер, Аргентинецот Кристијан Фабијани, како еден вид добар показател веќе е јасно дека „црвено-црните“ се пред разочарувачко европско лето.

Загубена контрола над соблекувалната: Што се случувало уште пред мечот во Финска? Свесно ли се уништува домашниот фудбалски потенцијал!?

Токму разочарувачка е оценката и за неуспехот да се мине Купс, клуб кој ниту од далеку не демонстрираше потенцијал за елиминација на македонскиот шампион. Вардар е надвор од патот во ЛШ само поради себе самиот, очајно смислените подготовки и очигледно тенденциозното креирање и водење на тимот за дуелите со Финците. Потиснување на домашниот фудбалски капацитет, на сметка на странците.

А, како поинаку да се протолкува однесувањето на Фабијани во второто полувреме на дуелот во Финска, токму во моментите кога веќе и тоа како беше очигледно дека Купс може да се елиминира. Најпрво замена на најофанзивниот вардаров фудбалер и стрелец на дотогаш единствениот погодок, расположениот за игра Азер Омерагиќ, во моменти кога се брка гол повеќе, и тоа со Аргентинецот Пулеио, за кого на двата натпревари се импровизираше со неколку различни позиции, само за да игра. Па, истиот, и покрај стрелец на третиот гол за црвено-црните, е виновник за двата примени погодоци… А на клупата остануваат и, без ниту една добиена минута, младинските репрезентативци Димитар Данев и Димитар Тодоровски, а Давид Бабунски само со некоја минута во финишот на продолженијата!!? И тројцата докажани креативци, кои и тоа како носат импулс плус во офанзивата, наспроти поединци – стартери! Сега неискористени!

Или, пак, Фабијани можеби не одлучува за изгледот на тимот!? Наспроти самопрогласените менаџери кои „кружат“ околу клубот!? И поради кои се погласни се шпекулациите за случувањата во тимот уште пред реванш дуелот во Финска: Дали на Пулеио пред натпреварот му е ветена сигурна минутажа, без разлика на тоа што и да се случува на терен, само како не би бил тензичен!? Дали, пак, од друга страна, на домашни фудбалери им е кажувано дека секако нема да добијат минутажа, без разлика на тоа што и да се случува на терен!? А, се тоа поради најмалку фудбалски работи!

Кристијан Фабијани

И, сето тоа за огромен револт меѓу македонските фудбалери во соблекувалната, над која Фабијани ја нема контролата, а кој очигледно ни најмалку не носи позитивни вибрации пред пресметката со летонската Рига.

Се понагласен револт…

А, нескриено се понагласен е револтот меѓу играчите во вардаровиот табор, покрај оние срамни аматерски подготовки во Италија а чии последици се чувствуваат веќе од стартот на европската одисеја на клубот и поради неможноста на половина тим да издржи 90 минути на терен, како што дознава ЕКИПА, и поради уште едно патешествие за црвено-црните фудбалери кое е „сервирано“ на враќањето на тимот од гостувањето во Финска.

Речиси 20-часовна одисеја за вардаровите фудбалер од Куопио па до Хелсинки и преку Истанбул до Скопје, во 2026 година, е уште една крајно поразувачка слика за Вардар и неговата организациска поставеност, и тоа во момент кога тимот за само пет дена го чека нов предизвик, против летонската Рига, во обидот да се спаси европската сцена.

Се понескриен е револтот меѓу играчите, според нашите извори, и поради крајно недисциплинираното однесување на луксембуршкото засилување Жилсон Родригез, кој уште низ подготовките не почитувал никаков ред во тимот, што носи голем раздор во соблекувалната… Но, Родригез, очигледно е недопирлив согласно „менаџерските шеми“!

Кој и како го контролира финансиското работење на клубот!?

Добро познато е дека Вардар со помош на групација од повеќе спонзори желна да му помогне на најтрофејниот македонски клуб комплетираше повеќе од завиден буџет за домашни услови. Поради што и секој негов искрен навивач веруваше во далеку поголема доминација во шампионатот, на патот до титулата, но и далеку посериозен настап на европската сцена.

И добро познато е, за сите кои барем малку се упатени во домашните фудбалски случувања, наспроти сите „инфлуенсерски себепофалби по социјалните мрежи“, дека тој буџет е најмалку поради актуелниот извршен директор Миленко Неделковски, кој единствено е заслужен за трошењето на средствата. А, не и за носењето!

Затоа се поотворено се актуелизираат прашањата во и околу вардаровиот табор, кој и како го контролира финансиското работење на клубот? Колкава е висината на средствата кои ги добиваат подпросечните странци во тимот, наспроти потценувачкиот однос кон домашните, кои, пак, објективно квалитативно отскокнуваат над истите? Колкава е висината на средствата кои се плаќаат за подготовките на тимот изминативе две години, а кои не прилегаат ниту за аматерски клуб? И дали фирма на лице кое важи за финансиски директор во клубот, а не ФК Вардар, добивала поврат на средства, по претходна уплата до странски компании за реализација на подготовките на тимот? Кој пред кого, на крајот на краиштата, во ФК Вардар одговара за се што се случува во клубот?

Затоа што, ФК Вардар најмалку може да биде само приватен клуб во оваа држава, за кого никој нема да даде отчет. Така било отсекогаш. Доволна потврда за тоа е времето и на Сергеј Самсоненко, заради кое „црвено-црните“ уште ги лечат раните свои!

Се вчитува...