Кој спортист заработи најмногу во изминатата деценија: Мејведер ги „истепа“ Роналдо и Меси

Професионалниот спорт е голем бизнис, а најголемите пари се вртат во боксот и во фудбалот. Барем ако се погледнат спортистите кои најмногу заработиле во изминатата деценија. Легендарниот боксер Флојд Мејведер е највисоко на листата на престижниот магазин „Форбс“ кога е во прашање вкупната заработка во последните десет години. Тој има вкупно заработено 914 милиони долари и од врвот ги гледа мегапопуларните фудбалери, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Мејведер заработи неверојатни 300 милиони американски долари само од борбата со УФЦ борачот Конор Мекгрегор, а се „пензионира“ во август 2017 година. Неговата боксерска борба со Мани Паквајо беше вредна 200 милиони долари. Мејведер ја заврши кариерата со рекорд 50-0 и со енормна заработувачка.

На втората и на третата позиција на листата на „Форбс“ кај спортистите се Кристијано Роналдо и Лионел Меси. Португалецот досега во кариерата, од фудбалот, но и од се останато, своите спортски брендови, имиџ – права и останати маркетиншки трикови има заработено околу 800 милиони американски долари. Голем дел од нив има инвестирано и во хотели, а секако ужива во луксузен живот. Лионел Меси има за нијанса поголема годишна плата во Барселона од Кристијано Роналдо, но на глобално ниво на заработка малку заостанува. Тој изминатата деценија заработил 750 милиони долари.

Четврторангиран е НБА – ѕвездата Леброн Џејмс со 680 милиони долари, а на петтото место тенисерот Роџер Федерер (640 милиони долари). Во првата „десетка“ според заработката се и голферите Тајгер Вудс (615 милиони долари), Фил Микелсон (480 милиони долари), боксерот Мани Паквајо (430 милиони долари), НБА играчот Кевин Дурант (420 милиони долари) и Ф1 возачот Луис Хамилтон (400 милиони долари).

 

Се вчитува...