Којашевиќ: Вардар десет години чека на трофеј во Купот… Време е!

Само три дена по првенственoто дерби Вардар и Шкендија ги чека нова пресметка, овој пат утре повторно на „Телеком арена“ во рамките на полуфиналето од националниот Куп на Македонија.

„Вардарци“ оваа сезона се цврсто решени да стигнат до двојната круна. Трофејот во Купот и тоа како е желба на „црвено-црните“… Дамир Којашевиќ најавува дека тимот оди на победа и на утрешниот натпревар.

„Пред само неколку дена успеавме да ја победиме Шкендија, и сега повторно со нив се среќаваме во Купот. Секако дека го посакуваме и тој пехар во нашите витрини, па од тука одиме на нова победа над нашиот ривал и на утрешниот натпревар. Сакаме што подобар резултат пред реваншот во Тетово. Мотивирани сме да докажеме дека сме најквалитетен тим и да докажеме дека можеме уште еднаш да победиме во дерби натпреварите оваа сезона“ – вели Којашевиќ за официјалната интернет страница на клубот.

Црногорецот е во Вардар нешто повеќе од една година, но знае дека клубот десет години чека на пехар од Купот во витрините.

„Знам дека одамна Вардар нема освоено Куп, и мислам дека дојде редот и овој пехар да го донесеме во витрините на клубот. Секако дека шампионската титула тука се подразбира. Оваа сезона имаме шанса за двојна круна, и мислам дека имаме сила, квалитет и можност да дојдеме до такво нешто. Тоа би било одличен успех на клубот доколку би успеале, а ние сме подготвени да дадеме се од себе на секој натпревар. Одиме чекор по чекор. Утре против Шкендија на победа, на што подобар резултат пред реваншот. Ја повикувам и публиката да дојде и да ни даде поддршка, а ние да им вратиме со уште една добра игра и со триумф“ – вели црногорскиот интернационалец.

Се вчитува...