Колев: Трениравме одбрана за „седум на шест“, ќе најдеме лек за нападот на Металург

Ракометарите на Пелистер се максимално мотивирани за денешниот дерби дуел од второто коло во ракометниот плејоф против Металург. Фактот дека противникот во првото коло го зеде скалпот на шампионот Вардар е само мотив плус за „зелено-белите“. Шансите на Пелистер се уште поголеми ако се земе во предвид големата поддршка што избраниците на Касим Каменица ќе ја имаат во реновираната сала „Младост“.

На денешниот натпревар Пелистер треба да изигра максимално концентрирано и со што помалку технички грешки, тоа ќе биде клучот за успех против Металург. Ракометарите на Металург ќе бидат полни со самодоверба, но најчесто по такви победи доаѓа до емотивно празнење, затоа би сакал денес тие да не потценат нас како што Вардар ги потцени нив. Нашите амбиции се јасни, освојување на едно од првите четири места и излез во Европа. Доколку го победиме Металург, тогаш и амбициите ќе пораснат, ќе атакуваме на второто место кое значи и учество во СЕХА-лигата следната сезона. Поддршката од трибините сигурно нема да изостане, не се сомневам дека навивачите ќе ни дадат ветер во грб бидејќи имаме навистина силен ривал против себе“ – изјавува голманот Кирил Колев.

Искусниот чувар на мрежата имаше можност да соработува со тренерот на Металург, Лино Червар, во македонската репрезентација и да се запознае со тактиката „седум на шест“ на која хрватскиот стратег упорно инсистира.

Секако дека е многу тешко да се игра одбрана против нападот „седум на шест“, особено против тим како Металург кој осум месеци ја форсира оваа тактика и ја има доведено до совршенство. Трениравме напорно и се подготвувавме за таквиот напад на противникот, кој има своите предности, но и маани, верувам дека ќе го најдеме лекот и со тоа ќе си ги зголемиме шансите за успех на оваа средба“ – оптимист е Колев.

Се вчитува...