Колку сме, толку сме… Ама без Манасков и Миркуловски малку сме!

arbervil baner

Заврши уште еден мундијал за ракометната репрезентација на Македонија, трет во низа со идентичен епилог – елиминација во осминафиналето. По Германија и Словенија, денеска Норвешка беше селекцијата што ни го урна сонот за историско четвртфинале. Кога ќе се загуби со десет гола јасно е дека разликата била огромна и причини за поразот има премногу, но клучно сепак беше отсуството на двајца наши многу значајни првотимци.

1. Манасков и Миркуловски без достојни замени

Норвешка во секој случај ќе беше фаворит, но кога на теренот излеговме без Манасков и Миркуловски јасно беше дека се соочуваме со невозможна мисија. Ојлевски ги промаши првите три шутеви, и тоа во првото полувреме кога игравме „егал“, додека на среден бек беа пробани бројни варијанти, од Филип и Кире Лазаров, преку Талески и Дрогришки, но ниту една не вроди со плод. Колку сме – толку сме, ама без двајца клучни играчи, премалку сме за да играме мундијалско четвртфинале.

2. Тајмаутот на Лино Червар

Ретки се случаите кога селектор чија репрезентација игра беспрекорна одбрана и се наоѓа во одлична серија самиот зема тајмаут, но токму тоа му се случи на Лино Червар. По водството на Норвешка од 5-8 нашите ракометари дадоа четири гола во низа, цели седум минути немавме примено гол, кога Червар изненади многумина со одлуката самиот да побара минута одмор.

Што и да им кажа на ракометарите, не вроди со плод, и не само тоа туку Норвешка во таа минута одмор успеа да се консолидира, па во преостанатите шест минути од полувремето при водство од 9-8 и напад на крајот на одмор заминавме со 10-12, за на крајот да ни се вклучи вистински потоп.

3. Дури игравме до „пасива“ – се држевме

Првото полувреме го игравме „егал“ пред се поради фактот дека бевме доволно трпеливи во нападот, играјќи на прагот на пасивен напад, за што Норвежаните немаа одговор. Губевме со два гола, но само затоа што промашивме бројни зицери од чисти и изградени позиции. За жал, се се смени за само пет минути игра во второто полувреме, кога во „раце“ им дадовме две топки на противниците за лесни голови и натпреварот отиде во неврат. Избрзаните шутеви од неизградени позиции, особено во ситуација кога позицијата лев бек не ни функционираше цел мундијал, не донесоа ништо добро како и против Словенија, па убедливиот пораз не можеше да се избегне.

Се вчитува...