Реал Мадрид не може да ја преболи елиминацијата од Баерн Минхен од Лигата на Шампионите, со што веќе е извесно дека „кралевите“ ќе завршат и втора сезона во низа без ниту еден освоен трофеј.
Шпанскиот гигант вината ја бара кај словенечкиот судија Винчиќ поради црвениот картон на Камавинга, но ваквите изговори на „кралевите“ само ја кренаа тензијата кај голем дел од останатата европска фудбалска јавност, особено кај Германците кои сметаат дека пласманот на Баерн во полуфиналето е апсолутно заслужен.
Така, влијателниот новинар Свен Флор во својата колумна за тиражниот весник „Велт“, со наслов „ Реал Мадрид – кралски клуб или најлош губитник во историјата на фудбалот“, дава поинаква перспектива на поплаките од „кралевите“.
„Реал Мадрид е елиминиран во Минхен и, како и обично, виновни му се судиите. Зарем очекувавте нешто друго“, го почнува германскиот новинар својот коментар на оваа тема.
„Да се победува е лесно. Поразите само ретките можат да ги истрпат на своја кожа. Реал Мадрид дефинитивно не може. Овој некогаш горд, голем клуб за пример, со години наназад го губи достоинството и почитта на ривалите. И тоа повторно се случи во средата против Баерн. Шпанците се елиминирани во трилер-дуел, откако загубија на двете средби со Баерн, првата со 1-2, втората со 4-3. Но, вината не е кај нив, туку кај судијата. Како на сите да треба да им е чест што играат со Реал“, продолжува коментарот на „Велт“.
Потоа, авторот се осврнува и на црвениот картон на Камавинга.
„После свирнат прекршок тој ја зема топката во раце и ја пушти неколку метри подолу на теренот, спречувајќи брз напад на противникот кој притискаше да даде гол. Правилата се јасни – ова е опструкција на играта и следи жолт картон. Можеби на луѓето во Реал им е чудно кога судиите ги следат правилата додека нивните фудбалери ги прекршуваат истите, но никој не може да каже дека Винчиќ погреши. Камавинга имаше жолт картон осум минути, секој во таква ситуација ќе беше свесен дека треба да внимава на однесувањето до крајот. Неговите играчи можеби мислат поинаку, но тоа е така затоа што неспортското однесување и застрашувањето на суудиите се дел од ДНК-та на Реал со години наназад. Да не го заборавиме оној патетичен бојкот на доделувањето на наградите само затоа што Винисиус не беше меѓу добитниците. Или патетичното протестно исмо во кое овој клуб се жали на систематски грабежи од арбитрите“, завршува коментарот на германскиот новинар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

