Комити револтирани: Изневерени сме од оние во кои верувавме, мора одговорност!

По денешната официјална информација од ФФМ дека Вардар и вторагодина по ред, поради огромните долгови наталожени од сопственикот Сергеј Самсоненко, нема да добие лиценца за настап на европската сцена, се огласија и најверните навивачи на клубот „Комитите“ кои побараа одговорност, чувствувајќи се изневерено од оние на кои им верувале изминатиов период.

СООПШТЕНИЕТО ОД КОМИТИ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

„По официјалните информации за недоделување на лиценца за настап во Европа, како навивачи на Вардар кои останаа трпеливи, доследни, повеќе од коректни, се чувствуваме целосно изневерени од сите кои на кои им беше доделена нашата доверба.

Клубот две години по ред не настапува во Европа иако според игрите на терен, местото на табелата, составот и комплетниот ентузијазам на играчите, стручниот штаб и навивачите, тоа и тоа како го заслуживме.

Деновиве и ние самите добиваме критики поради нашето недејствување или недоволна посветеност при решавањето на проблемот во ФК Вардар. Ние иако долго време не се мешаме во раководењето, немаме никакви ингеренции во раководењето на клубот, ниту се мешаме во политиката и финансиите, сепак чувствуваме одговорност да излеземе пред јавноста и да прашаме зошто мора да ги доживуваме овие моменти повторно, како и предходно низ историјата?

Во комуникација сме со преставници на управата на клубот, и од таму цело време добиваме уверување дека клубот со целиот свој капацитет работи во изнаоѓање на решение. Како што не информираат, при барањето на решение вклучени се сегашната управа како и основачите на клубот пред се град Скопје но и ПУИГ, од каде исто така добивале логистичка помош. Од таму стигаат информации дека се ‘се чека на новите наводни управители, кои треба да ги превземат правата и обврските на клубот.

Сакаме да знаеме за намерите на новите наводни инвеститори кои треба да го преземат клубот, од кои се чекало финалниот потег за расчистување на состојбите во клубот и негово превземање и раководење.

Воопшто не ни се допаѓа што ситуацијата се одолговлекува, и неизбежно ќе биде дел од изборниот процес, на што ние цело време се противиме, затоа што Вардар бил, е и ќе биде над сите партии и дневнополитички препукувања.

Бараме одговорност, затоа што Вардар не може да биде место каде се импровизира !

Бараме сериозност, нема играње со Вардар нема ни со нас!

Се вчитува...