„Комити“ во акција: Продажба на виртуелни-билети за спас на Вардар!

Најверните вардарови навивачи се впуштаа во акција за помош на својот миленик во моментите кога тоа е најпотребно за најтрофејниот македонски клуб.

Токму во таа насока, „Комитите“ се активираат со повик за купување виртуелни-билети за првиот пролетен натпревар на Вардар против Пелистер на 14. февруари. Сето тоа низ акцијата – „Билет за спас на Вардар“.

СООПШТЕНИЕТО НА „КОМИТИ“ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Секој од нас бил во ситуација да не е еден од оние среќници кои дошле до карта да бидат покрај нашиот Вардар на важен, историски натпревар. Имало и ситуации кога не сме биле покрај Вардар поради ограничен капацитет, скапи карти, визи, болест, работа, радосни моменти, трагедии…
Ако сме искрени, најголемиот дел од нас не биле покрај Вардар и кога немало никакви изговори, кога зјаел празен Градски иако сите услови ни биле достапни. За секоја критика сме поради тоа…
Во ситуацијава во која се наоѓаме, субјективно гледано немаме директен удел, но во реалноста имаме поради пасивноста на поголемиот дел од нас, и неможноста да се прилагодиме на новонастанатата ситуација по распадот на старата држава, неатрактивноста на првенството и навивачките дуели.
Вистинските навивачи се покрај својот клуб без оглед на тоа кој е противник, кога, каде и под какви услови. Со секој натпревар Вардар а и ние сме побогати за ново искуство, дружба, забава, тага, радост…
Судбината понекогаш знае да си поигра со нас, па така на најважниот натпревар во историјата на нашиот Вардар, ни поставува задача да го наполниме Градски, а иронично, притоа да не бидеме физички присутни на трибините.
Капацитетот на нашиот Градски е 36.500 седишта.
Очекуваме сите да го дадеме својот придонес и барем виртуелно да го исполниме цел стадион на еден натпревар. Еден натпревар кој ќе ја продолжи надежта на краток рок, но на долг рок ќе биде врежан со печатот на вечноста.
Еден натпревар на кој ќе бидеме отсутни а истовремено нашата присутност ќе се почувствува како никогаш предходно.
Прв домашен натпревар е вечното дерби на Македонија, Вардар – Пелистер закажан за 14.02.2021г.
Доста беше седење на страна и коментирање – ова е шанса конечно сите заедно да бидеме еден – СПАС ЗА ВАРДАР ! Друга опција не е во игра…
Еден билет ќе кошта 100 ден.
Време е на дело да покажеме колкава е нашата љубов кон Вардар
Ќе има инструкции многу скоро, но ќе најавиме максимална транспарентност во секој чекор…

Се вчитува...