КОМПЛЕТНИОТ ТРАНСФЕР ПРОЗОРЕЦ ВО ПРВАТА ЛИГА: Квантитавно „моќно“ – квалитативно скромно!

Пред утрешниот почеток на пролетниот дел, македонскиот елитен фудбал остави зад себе уште еден релативно скромен трансфер период без конкретно звучни размрдувања во клубовите.

Иако навидум квантитативно изразени промени на заминувања и пристапувања во прволигашите, сепак квалитативно ништо значително за одбележување.

Шкендија се одлучи да си го задржи тимот од есенскиот дел, без воопшто никакво внатрешно размрдување, а со мудри засилувања на двете позиции во одбраната кои беа и најпроблематични за тимот, со Висар Муслиу и Або Вакили. И толку!

Вардар, пак, зачудувачки остана премногу лесно без помладите фудбалери во составот. Најголемата загуба се заминувањата на Бобан Николов и Висар Муслиу, но и најавеното на Хофханес Хамбарџумјан поради караница со тренерот Чедомир Јаневски. Единствено суштински се засили со триото од Пелистер – Тошевски, Попзлатанов и Цветаноски кои секако носат квалитет во себе, и Камерунецот Битанг за кого ќе треба да се почека да се види дали вреди.

Низ трансфер прозорецот се чини единствено вистински се издвоија Шкупи и Работнички кои конкретно ги засилија своите редови паралелно со задржување и на костурот на тимот од есенскиот дел. Без сомнение Шкупи со деветте нови имиња веќе станува и сериозен „прволигашки играч“ кој отворено најавува желба и за европски излез, додека „романтичарите“ го добија посакуваниот квалитет во нападот со ангажманот на Кировски, Ангелов и Петковски.

Силекс и Академија Пандев, буквално без никакви посериозни промени, се одлучија со истиот состав од есентта да ја бркаат Европа, а Пелистер и Победа, поради промените во раководствата и финансиските неизвесности, беа принудени да го променат буквално комплетниот играчки кадар.

Се вчитува...