„Комшиски дуел“ на „Кале“ – Работнички на рехабилитација против Вардар

Првата кошаркарска лига продолжува денеска со заостанатиот натпревар од 16. коло во кој Работнички на „Кале“ од 17 часот ќе го пречека соседот Вардар со цел да им се врати на победите во пресрет на плејофот.

Серијата од осум победи во низа на „црвено-белите“ заврши на дуелот против Гостивар, но и покрај тоа избраниците на Димитар Мираковски се наоѓаат во одлична ситуација. По 18 одиграни натпревари во домашното првенство, Работнички има скор од 12 победи и 6 порази со што уште е во игра за првата позиција на табелата, но центарци до крајот на регуларниот дел од сезоната немаат право на грешка доколку сакаат од врвот на табелата да го започнат разигрувањето за титула.

Во првиот од преостанатите шест меча, македонскиот најтрофеен тим за противник ќе го има Вардар, кој и покрај тоа што е во серија од пет порази не смее да се потцени. Избраниците на Јованчев оваа сезона покажаа карактер, одиграа и неколку неизвесни завршници, но сеуште стравуваат за опстанок меѓу „елитата“ и следната сезона.

Првиот натпревар оваа сезона заврши со убедлива победа на Работнички па „црвено-црните“ ќе мораат да го поправат изгледот доколку сакаат да стигнат до петата победа во сезоната.

Се вчитува...