Конечно, примирје – Икарди се враќа на тренинзите на Интер

Сапуницата наречена „Мауро Икарди“ во Интер конечно финишира откако беше постигнат договор – поранешниот капитен од утре ќе почне да тренира со остатокот од првотимците, а потоа и ќе атакува на место во тимот на тренерот Лучијано Спалети.

Аргентинецот е изолиран од првата екипа од 13 февруари, кога му беше одземена капитенската лента, по што Икарди одбиваше да тренира со екипата, жалејќи се на повреда на коленото. Во меѓувреме се водеа неколку рунди разговори меѓу голгетерот и управата на Интер, за на крајот да биде најден заеднички јазик, па Икарди од утре да почне да работи со играчите кои не се заминати на настапи за своите репрезентации.

Спалети во моментов има само осум првотимци на располагање, а целосното примирје се очекува откако сите останати фудбалери на Интер се вратат назад во Милано. Доколку се мине во најдобар ред, Икарди ќе биде во комбинација за следниот дуел на „нероаѕурите“ во „Серија А“, против екипата на Лацио.

Се вчитува...