Добар буџет: Шундовски ја враќа Констанца на старите патеки

„Македонската база“ во Романија, екипата на Доброџеа Суд Констанца која од клупата ја предводи поранешниот македонски селектор, Звонко Шундовски, во составот се репрезентативците Никола Митревски и Велко Маркоски, а во управата Бранислав Ангеловски, во новата сезона ќе стартува со стабилен буџет и реални амбиции да се врати на старите шампионски патеки.

Констанца за претстојната сезона ќе располага со буџет од 2.2 милиони евра, обезбедени од градските власти. Ова е втор највисок буџет меѓу ракометните клубови во Романија каде со најмногу средства располага ЧСМ Букурешт кој има буџет од околу 5 милиони евра за машкиот и за женскиот тим. Финансиската стабилност на клубот ги зголемува и амбициите на сите четири фроната – романскиот Супер Куп, националната лига, Купот на Романија и на европска сцена во ЕХФ Купот.

По три години, Звонко Шундовски на крајот од минатата сезона повторно се врати на клупата, а целта е клубот под негово водство повторно да се врати на старите патеки и да ја врати шампионската титула во Констанца. На европска сцена, Констанца ќе стартува од второто коло во ЕХФ Купот, против победникот од дуелот меѓу Плзен и Глазгов, а амбиците се да се обезбеди пласман во групната фаза.

„Целта е да бидеме во првите три екипи, јас лично посакувам да бидеме шампиони и да атакуваме на двојната круна во Романија. Во ЕХФ Купот ако ни се погоди ждрепката, првата цел да влеземе во групната фаза. Се екипиравме, имаме добар состав, добро сме покриени на сите позиции. Клубот има добра поддршка од градот, има реални амбиции и полека одиме напред“ – вели Звонко Шундовски.

Летово тимот донесе четири засилувања – романскиот пикер Мариус Мочану, левиот бек од Грузија, Иракли Чиковани, хрватскиот среден нек, Јанко Кевиќ и белорускиот голман Вјачеслав Салдатсенка.

Романскиот тим под водство на македонскиот тренер, деновиве е на подготовки во Крањска Гора во Словенија. Во првите две претсезонски проверки, Констанца забележа две победи,  против репрезентцаијата Саудиска Арабија (20-15) и против екипата на Горење (26-25).

Констанца ќе биде и еден од учесниците на Меѓународниот турнир „Струга 2018“ што ќе се одржи од 15 до 19 август.

Се вчитува...