Антонио Конте имал средба со челниците на Интер на која побарал значителна сума за да се пресели на „Џузепе Меаца“ почнувајќи од 1 јули. Весникот „Газета дело спорт“ информира дека „нероаѕурите“ биле изненадени од високите барања на Конте, кој инсистира на плата од 10 милиони евра по сезона, за наредните три години, плус околу два милионие евра годишно за неговиот стручен штаб.
Трофејниот стратег ја користи ситуацијата кога покрај Интер нов тренер бараат и Рома и Милан, па дури и Јувентус по најавеното заминување на Алегри, па добро ја „билда“ сумата што ја побарува за својот следен тренерски ангажман.
Воедно, тој бара и околу 200 милиони евра за „ремонт“ на екипата, со оглед на фактот дека Интер летово ќе го напуштат Икарди и Перишиќ, па неопходни ќе бидат нови лидери во тимот.
На потег се кинеските газди на Интер, кои ќе треба да „пресечат“ дали ќе ги прифатат условите на Конте или погледите ќе ги насочат кон другите интересни имиња на тренерскиот пазар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА