Корејски изум за ЗОИ 2018 – Олимписки факел што не се гаси

Во Центарот за хокеј на мраз во Гангинг беше претставен новиот олимписки факел, дело на корејската дизајнерка Јунг Се Ким. Факелот е висок 700 милиметри што е своевидна симболика бидејќи корејскио град Пјонгчанг, домаќин на Зимските Олимписки Игри во 2018 година се наоѓа на 700 метри надморска височина. Специфичноста на овој нов олимписки факел е тоа што никакви временски неприлики не можат да го изгаснат.

На официјалната интернет страница на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), се наведува дека пламенот во овој факел ќе гори и покрај силните удари на ветар и силни снежни врнежи кои може да се очекуваат во земјата домаќин на ЗОИ наредната година.

Во факелот има посебен воздушен тунел кој носи дополнителен кислород и му овозможува на пламенот да продолжи да гори и кога во насока на пламенот дува силен ветар. А одводните отвори се во функција на собирање на влагата на дното на факелот. Олимпискиот факел до конечната дестинација во Пјонгчанг, пред ЗОИ 2018 ќе го носат 7500 одбрани личности.

Се вчитува...