Коренити промени во ваучер-системот од 2023 година!

Ваучер системот е начинот на кој се финансираат огромно мнозинство од клубовите и спортистите во Македонија, но и овој начин на финансирање ќе претрпи промени почнувајќи од наредната година.

ЕКИПА дознава дека во тек се сериозни дискусии за отстранување на аномалиите во овој начин на функционирање, а конкретни заклучоци и одлуки се очекува да бидат донесени во наредните два месеци, со што критериумите би важеле веќе од 2023 година.

На вчерашното собрание на КФСМ гостин беше и директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, кој ги информираше клубовите за актуелниот момент поврзан со начинот и реализацијата на средствата кои ги предвидува државата како дополнителна помош за кошаркарските колективи во наредниот период.

„Она кон што се насочени погледите е да се изнајде начин државата целосно да го покрие ваучерот, односно парите од буџетот директно да легнуваат на сметките на клубовите, се со цел да се спречат малверзации во преговорите клубови – компании. Исто така, ќе инсистираме и на одредено менување на критериумите. Постојат случаи на клубови кои ги злоупотребуваат овие критериуми, пред се околу бројот на деца и млади селекции, и тоа сериозно ќе го разгледаме. Во најскоро време ние како АМС ќе имаме конкретни разговори со УЈП и со останатите институации вклучени во процесот, се со цел да биде најдобриот можен начин за развој на спортот. Она што ќе го договориме, треба да биде валидно веќе од следниот ваучер што ќе го доделиме во февруари 2023“, изјави Наумче Мојсовски за ЕКИПА.

Се вчитува...