Корона-проблем и за Иџе: Не може да патува на трката во Италија

Новиот бран на коронавирусот што се рашири низ Европа му создава големи проблеми и на Игор Стефановски – Иџе, кој најверојатно ќе мора да ја пропушти првата трка од новата сезона, што следниот викенд ќе се вози на патеката Мугело во Италија. Стефановски преку социјалните мрежи се пожали дека се бара начин да се отпатува , но тоа нема да биде нималку лесно ако се знае дека Македонија се најде на најновата листа на земји на чии граѓани им е забранет влез во Италија.

„Ве известуваме дека настапот на првата трка во Италија, на патеката Мугело, наредниот викенд 18-19.07.2020 г. е доведен под сериозен знак прашалник по објавата дека се затвораат границите за државјаните на Македонија за влез во Италија. Во моментов правиме напори да изнајдеме начин да отпатуваме, но времето е се пократко. Во четврток треба да сме пристигнати во Италија за да може регуларно да се пријавиме на патеката. Доколку некој познава процедура како да се влезе во Италија во вакви околности молиме да не контактира!“, напиша Иџе на социјалните мрежи.

Надежта умира последна, но со оглед на ригорозноста на властите во поголемиот дел од државите во ЕУ, тешко е да се најде начин за овој проблем да биде решен и Иџе да добие зелено светло за да отпатува за Италија.

Се вчитува...