По едномесечна пауза викендов на терените се враќаат и кошаркарите, но продолжението на сезоната делумно е нарушено поради одложувањето на еден натпревар. Причината е добро позната, коронавирусот кој продолжува да им создава проблеми на клубовите како што тоа го правеше и во изминатиот период.
Конкретно, станува збор за вицешампионот Еуро Никел, кој пријави поголем број на позитивни случаи во изминатите денови, кавадарчани се целосно надвор од тренажен процес, поради што е одложен нивниот дуел со ТФТ.
„Ќе се одиграат сите предвидени дуели со исклучок на оној меѓу Еуро Никел и ТФТ. Причина се големиот број на позитивни кошаркари во таборот на Еуро Никел, поради што овој натпревар нема да може да биде одигран во првично утврдениот термин. Правилата остануваат исти, услов за одложување на средба се четири позитивни кошаркари во некоја екипа, притоа како доказ приложувајќи ПЦР тестови“, изјави Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, за ЕКИПА.
Според делегирањето, в сабота ќе се играат три натпревари: МЗТ Скопје 2 – Ангели, Куманово – Гостивар и Феникс – Работнички, а за недела се закажни средбите Кожув – МЗТ Скопје и Пелистер – Академија ФМП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА