Кошаркарите со „искастрени“ плати, клубовите ги игнорираат

Кошаркарите од Првата домашна лига во соопштение денеска информираат за големиот финансиски удар кој го добиле од матичните клубови во текот на кризата поради пандемијата од коронавирусот. Капитените на сите прволигашки клубови со конкретни изјави потврдуваат за енормните намалувања на платите во месеците во кои првеснтвото беше во прекин и откако беше решено сезоната да не продолжи.

Клубовите имаат одлуки од комплетно неисплаќање плати, намалувања до 80 проценти. Најдобрата опција е кај некои клубови кои намалиле плати до 50 проценти. Асоцијацијата на професионалните кошаркари во неколку наврати барала преговори, но добила само средба со Кошаркарската федерација, додека како што велат во соопштението, клубовите воопшто не покажале интерес за состанок.

„Во текот на месеците април, мај и јуни, Асоцијација на Кошаркарски Играчи неколку пати побара средба со Кошаркарска Федерација на С. Македонија, клубовите членки на Прва Лига Мажи како и до Здружението на Прва лига Мажи со цел да дискутираме за сите аспекти од кризата која е присутна по официјалното прекинување на првенството поради прогласување на пандемија со вирусот КОВИД 19. Асоцијација на Кошаркарски Играчи со сите засегнати страни сподели и предлог решение согласно препораките од Меѓународната Кошаркарска Федерација – ФИБА, а е поврзано со надоместокот на играчите за овој период. По многубројни обиди, успеавме да реализираме средба на која присуствуваа само представници од Кошаркарска Федерација на С. Македонија која покажа спремност да посредува меѓу засегнатите страни во изнаоѓање на заедничко прифатливо решение. Изненадени сме од фактот дека ниту еден претставник од клубовите не се одважи да присуствува на оваа средба, а крајно разочарани сме и од нивната незаинтересираност да разговараат за нешто друго освен за сопствените интереси. Уште еднаш сакаме да ги потсетиме клубовите дека играчите се главните двигатели во секој спорт. Би сакале да ја запознаеме јавноста дека кошаркарите, како и останатите спортисти, имаат многу пократок работен век од останатите професии, а истовремено нашите трошоци за работа се многу поголеми (годишни договори на 10 месеци, непокриено здравствено и пензиско осигурување, набавка на опрема и сумплементи, чести повреди и лекарски интервенции, покривање на трошоци за одржување во тренажен процес и во месеците на пандемијата, итн.). Во овие тешки моменти за светот, но и за нашата држава како играчи во еден од најпопуларните спортови ја покажавме нашата солидарност со државата и разбирање на ситуацијата, истапивме со предлог решение за намалување на платите согласно препораките од ФИБА, а поднесовме и неколку барања за состаноци со цел постигнување на договор со сите кошаркарски клубови кои имаат професионален статус, извршуваат дејност спорт или учествуваат во распределба на ваучер системот од Агенција за Млади и Спорт. Апелираме до сите засегнати страни, органи на државата, но и јавноста дека на удар е нашата егзистенција. Нашиот спортски дух и професионални стандарди ни наложуваат да го одржиме високото ниво на подготовки, следејќи ги сите препораки за зачувување на јавното здравје и здравјето на сите наши колеги, пријатели и членови на нашите фамилии, со цел кошарката да се врати на високо ниво веднаш по завршувањето на пандемијата со КОВИД 19. За жал, професионалноста е еднострана и клубовите членки на Прва Лига Мажи не работат по истите професионални стандарди и не ги подмируваат своите долгови кон играчите и покрај тоа што преку ваучер системот од Агенција за Млади и Спорт самите се веќе реализирани за сезоната за која зборуваме“ – стои во соопштението од Асоцијацијата на кошаркари.

Се вчитува...