Кошаркарите заглавени во Швајцарија – Откажан летот од Базел, викендов ќе се бара „лек“ за враќање во Скопје

ЕКИПА во Базел, Швајцарија

Стеван Цаневски

Македонската кошаркарска репрезентација остана заглавена во Швајцарија откако вечерва беше откажан летот на „Виз ер“ од Базел за Скопје закажан за 22 часот.

Како што информираа од авиокомпанијата со која македонската експедиција требаше да се врати во Скопје, проблемот е настанат поради неполетување на авионот на „Виз ер“ од Македонија за Базел. Дополнителен проблем е што сите летови од Базел за Скопје претстојниов викенд се веќе комплетно резервирани, па македонските кошаркари ќе мора да бараат друг „лек“ за враќање во главниот град.

Во секој случај, македонската експедиција во Швајцарија вечерва останува во Базел а од компанијата „Виз ер“, кои ја прифаќаат вината за откажувањето на летот, во текот на утрешниот ден треба да обезбедат нов лет за враќање на кошаркарската репрезентација, на една од најблиските дестинации до Македонија, Солун, Софија или Ниш.

Се вчитува...