Кошаркарките десеткувани полетаа за Германија

Новиот селектор на женската кошаркарска репрезентација, Владимир Ѓоровиќ, се соочува со огромни проблеми во пресрет на своето деби, гостувањето против Германија на стартот од квалификациите за Евробаскет 2021.

За разлика од летните подготовки на кои националниот тим беше комплетен, овојпат дојде до низа откажувања, што дополнително го ослабуваат националниот тим. Јелена Антиќ поради нов проблем со коленото ќе мора да паузира подолго време, Американката Бонер поради семејни проблеми не е во комбинација, а младата Николиќ има повреда на скочниот зглоб. Покрај нив, Тантуроска реши да ја заврши репрезентативната кариера, а за дуелот со Германија репрезентацијата остана и без Митрашиновиќ, која поради болки во грбот ќе остане во Скопје, во обид да се оспособи за неделниот меч со Летонија.

„Подготовките минаа во добра атмосфера, напорни тренинзи, но за жал се соочивме со сериозни проблеми околу составот. Останавме без важни кошаркарки, но не сакам ова да звучи како алиби, оној што го нема, без него едноставно се мора и се може. Имаме 12 девојки на кои тотално им верувам и знам дека ќе го дадат својот максимум. Германија е речиси идентичен состав од минатите квалификации, сериозен ростер добро покриен на сите позиции. Направивме добар скаутин и мислам дека ќе знаеме да одговориме на сите нивни тактички варијанти. Сепак, колку квалитет и искуство имаме за тоа ниво на кошарка ќе покаже самиот натпревар. Голема благодарност до федерацијата што ни ги овозможи сите потребни услови за што подобро да се подготвиме за оваа средба“ – истакна селекторот Ѓоровиќ.

Се вчитува...