Кошаркарките ја декласираа Бугарија (77-62)

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија имаше фантастична презентација на првиот меч од меѓународниот турнир што се одржува во Скопје, совладувајќи ја селекцијата на Бугарија со 77-62. Собрани по пауза од цели три години, со нов селектор Марјан Лазовски, македонските кошаркарки одиграа одлично, иако и не беа во комплетен состав поради повреди. Ова секако е голема инспирација за понатамошна напорна работа и добар настап во квалификациите за ЕП.

makedonija -bugarija (kosarka)-02.06 (12)

Првата четвртина мина во израмнета кошарка, но Македонија блесна во вториот период. Цврста одбрана, брзи противнапади, но и организиран позиционен напад, беа дел од стратегијата на селекторот Лазовски, што неговите избранички ја спроведоа на вистински начин на паркетот. На полувреме Македонија замина со предност од 18 поени (43-25), најавувајќи сигурен триумф.

makedonija -bugarija (kosarka)-02.06 (15)

До крајот, Македонија рутински ја одржуваше убедливата предност, стигнувајќи до прва победа на турнирот.

Јелена Антиќ со 21 поени и четири скока, и Криси Гивенс со 20 поени, осум скока и седум асистенции беа најзабележителните фигури во македонската селекција. Софија Лазаревска постигна 13 поени, со максимална прецизност во своите обиди.

makedonija -bugarija (kosarka)-02.06 (14)

Во редовите на Бугарија, Христина Иванова беше најефикасна кошаркарка со 19 постигнати поени.

Утре, македонските кошаркарки од 19 часот ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Јапонија, која денеска беше убедлива против БиХ (100-69).

Се вчитува...