Кошаркарките на Баскет Кам триумфираа во првиот меч од финалето против Вардар

Бранителот на титулата, екипата на Баскет кам 2011 со победа над Вардар од 65-59 ја стартуваше одбраната на тронот во Првата женска сениорска лига.

Во првиот меч од серијата „подобар во пет натпревари“, екипата од Македонска Каменица оствари предност уште во почетната фаза од натпреварот. На истекот на првата четвртина, избраничките на тренерот Жаклина Стојановска имаа вишок од девет поени, кој на крајот се покажа и како доволен за да се стартува победнички.

На овој натпревар, стандарниот број на поени за Баскет кам 2011 го испорачаа Зубац, која стрелаше за 20 поени. Димова застана на бројката од 18 реализации, Кметовска даде 15, а свој придонес во првиот успех во финалето дадоа и Максимовска, со седум, односно капитенот Поп-Димитровска која реализираше пет поени.

Во гостинската екипа, Димитријевиќ и Матие имаа по 14 поени, најискусната на теренот, Славица Наков постигна 13 поени. А во листата на стрелците кај Вардар влегоа и Зафировска со девет поени (три тројки), Тасевска со седум, и Деловска која даде два поени.

Вториот натпревар од финалната серија ќе се игра викендов, повторно во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, каде Баскет кам 2011 одново ќе биде во улога на домаќин.

Нов шампион на Македонија ќе биде екипата која прва ќе стигне до три победи во големото финале.

БАСКЕТ КАМ 2011 – ВАРДАР    65:59 (1-0)

(26-17; 12-13; 13-14; 14-15)

Баскет кам 2011: Кметовска 15, Димова 18, Османи, Поп Димитровска 5, Ѓуковиќ, Адамовска, Николов, Ѓоргиевска, Максимовска 7, Зубац 20

Вардар: Димитријевиќ 14, Николиќ, Џангаровска, Тасевска 7, Деловска 2, Наков 13, Зафировска 9, Пислевска, Матие 14, Начевска, Мариновска

Се вчитува...