Кошаркарките на летни подготовки: Добра атмосфера во пресрет на квалификациите

Новиот селектор на женската репрезентација, Владимир Ѓоровиќ, во изминатите дваесетина дена одржа подготовки на кои присуствуваа и клучните кошаркарки во нашиот национален тим, Јелена Антиќ и Анжелика Митрашиновиќ. Тој не го криеше задоволството од сработеното, како и надежта дека кошаркарките ќе се прикажат во добро светло во наредниот квалификациски циклус.

„Пред се би сакал да им се заблагодарам на луѓето од КФСМ што ни ги овозможија овие подготовки, како и на сите кошарарки кои дојдоа да тренираат, на мојот асистент Дамњановски и на физиотерапевтот Јовановски, кои одработеа одлична работа. Имавме 15 кошаркарки од кои две за жал не можеа да одработат целосно поради повреди. Сметам дека овие подготовки беа добредојдени бидејќи во самите квалификации ќе нема премногу време за адаптација и тренинг, затоа што за седум дена колку ќе сме заедно во ноември ќе играме две средби, со Германија на гсотински терен и со Летонија пред нашите навивачи“ – истакна Ѓоровиќ.

Создавањето на силен тимски дух е она што Ѓоровиќ верува дека го постигнал во овие подготовки, а играчкиот ростер до квалификациите ќе биде дополнително засилен со Американка која би требала да го реши проблемот на центарската позиција.

„Во овој период одработевме 28 тренинзи и еден тренинг натпревар со машка јуниорска екипа. Работевме на поставување принципи на игра во одбрана и во напад, на физичка подготовка, но најважно од се ни беше девојките да минат подолго време заедно за да се создаде добра тимска хемија. Во квалификациите ќе бидеме посилни за кошаркарка од САД и уште неколку домашни кошаркарки, кои летово не можеа да ни се приклучат од оправдани причини. Во квалификациите не очекува тешка задача против реномирани состави како Германија, Летонија и Хрватска, но искрено се надевам дека ќе се претставиме во добро светло“ – порачува новиот селектор на кошаркарската репрезентација.

Одлуката за одржување на мини-подготовки во летниот период ја поздрави и најдобрата македонска кошаркарка, Јелена Антиќ.

„За првпат федерацијата обезбеди услови како женска репрезентација да се собереме во текот на летото и да одработиме квалитетни подготовки за квалификациските предизвици што ќе бидат пред нас во ноември. Овој период од речиси цел месец беше многу значаен за наше запознавање и воигрување. Лично сум задоволна од текот на подготовките, целиот циклус на тренинзи и добрата атмосфера што беше создадена меѓу нас“ – истакна Антиќ.

Се вчитува...