Кошаркарките подготвени, Лазовски оптимистичен: Одиме да победиме, иако не сме комплетни

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија денеска како домаќин го започнува меѓународниот пријателски  турнир кој ќе се одржува во следните три дена во салата „Јане Сандански“. Покрај Македонија, на турнирот учествуваат репрезентациите на Јапонија, Босна и Херцеговина, како и репрезентацијата на Бугарија, која вечерва ќе биде првиот противник на нашата селекција. Нашите репрезентативки по три години ’пост’ повторно ќе се вратат на кошаркарските терени како селекција, а овој турнир е подготовка за претстојните квалификации за ЕП.

Свое деби на кормилото ќе има и селекторот Марјан Лазовски. Заедно со неговата десна рака, легендата Стојна Вангеловска, селекторот го комплетираше составот на репрезентативки кои ќе ги бранат боите на Македонија. Меѓу избраничките недостасуваат  кошаркарките на Вардар, Едина Муса и Драгана Јоловиќ, како и Анжелика Митрашиновиќ која ги брани боите на Будуќност. Лазовски пак ќе може да смета на Криси Гивенс, Јелена Антиќ, Ана Тантуровска, Ивана Кметовска, Ива Крстевска, Сара Анастасиеска, Драгана Петковска, Нена Трајчевска, Александра Стојановска, Ивона Пејковска, Софија Лазареска, Сандра Лазареска и Марина Неделчева.

„Резултатот нема биде најважен, но ние секако ќе излеземе со став да победиме, како и на секој наптервар. Во овие десетина дена се подготвувавме најдобро што можевме, колку ни дозволуваше времето. Не верувам дека постои тренер кој може за 10 дена комплетно да подготвни еден тим, па дури и да има магично стапче. Мило ми е што дојдоа сите кои беа повикани да бидат дел од оваа репрезентација. Од подготовките сум презадоволен, бидејќи кошаркарките дадоа се’ од себе да бидат подготвени, иако претходно одмораа од клупските обврски. Голем дел од моите играчи нема да бидат во можност да излезат на терен, но сигурен сум дека останатите ќе го дадат својот максимум. Противниците имаат предност бидејќи тие се подолго време заедно, а ние допрва треба да работиме на тимската игра. Најважно за нас е да се покажеме во добро светло, а потоа да се подготвуваме за квалификациите“ – истакна селекторот Лазовски.

Кошаркарките вчера имаа можност да научат нешто ново од Србинката Марина Маљковиќ, светски признатиот кошаркарски стратег во женската кошарка, која одржа демонстративен тренинг со цел да им помогне на репрезентативките да бидат подготвени за турнирот и за претстојните квалификации за ЕП, кои почнуваат во ноември.

 „Мило ми е што после три години повторно се собравме, јас по нешто подолга пауза се враќам во репрезентацијата. Мислам дека ова ќе биде почеток на една многу убава приказна. Повеќето од девојките се тука и мислам дека сите се расположени, што е многу важно. Очекувања не може да имаме, бидејќи не се познаваме толку добро, со неколку што сме играле порано, се знаеме надвор од теренот, затоа на почетокот ова ќе биде запознавање. Но, станува збор за добри играчи, дел играат надвор во странство, Гивенс игра Евролига, Тантуровска, Митрашиновиќ и сите останати, како девојките од колеџ имаме квалитет. Турнирот не е мерило за нашиот квалитет, добро е за почеток да видиме каде стоиме. Јас кога играм кошарка, играм за победи, да освојувам, нешто што е инспирација за секој спортист, така и за мене, со добра сезона, самодовербата ми е на високо ниво и сметам дека тоа ќе и помогне на оваа репрезентација“ – истакна Јелена Антиќ.

Според распоредот на натпреварите на турнирот, на 2.јуни (петок) ќе играат: Босна и Херцеговина – Јапонија со почеток од 18 часот, а веднаш по нив започнува натпреварот Македонија – Бугарија со почеток во 20 часот. На 3.јуни, (сабота) двојките се: Бугарија – Босна и Херцеговина (18 часот) и Македонија – Јапонија (20 часот). На финалниот ден од турнирот, односно недела, ќе се сретнат Бугарија – Јапонија (18 часот) и Македонија – Босна и Херцеговина (20 часот).

Се вчитува...