Кошаркарките со нов селектор во новите квалификации

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со нов селектор ќе влезе во следниот квалификациски циклус за Евробаскет 2021, во кој „црвено-жолтите“ вчера ги дознаа противниците во обид да стигнат до еден елитен континентален собир. Владимир Ѓоровиќ ќе биде предводник на националниот тим на Македонија, откако новото раководство на КФСМ го избра токму актуелниот тренер на Струга како идеален кандидат за селектор во наредниот период.

Во претходниот квалификациски циклус кошаркарките беа предводени од страна на Марјан Лазовски, но став на претседателот Антиќ и на неговите најблиски соработници е во иднина женската репрезентација да биде водена од стратег што работи исклучиво во женската кошарка.

Ѓоровиќ е тренер на првиот тим на Струга 2009, воедно работи и со младинските екипи на овој клуб. Станува збор за стратег од Србија кој во последните петнаесетина години живее и работи во Македонија, а пред Струга има водено уште неколку екипи во нашата земја. Претходно тој беше селектор и на репрезентацијата до 16 години, на Европското Првенство – Б дивизија, што се одржа во Охрид.

Македонија ќе се сретне со Летонија, Хрватска и со Германија во квалификациите за Евробаскет 2021. Првопласираните репрезентации од секоја група како и петте најдобри второпласирани селекции ќе се квалификуваат на претстојниот европски шампионат.

Се вчитува...