Кошаркарската лига за жени поделена на две групи

Новата кошаркарска сезона за жени ќе стартува на 10 октомври, а 14-те екипи ќе бидат поделени на две групи. Ова се главните одлуки на денешниот состанок на Здружението на Првата лига-жени, на кој беше утврден бројот на екипите-учесници, календарот, и системот за натпреварување за сезоната 2020/2021 кој треба да биде усвоен од страна на УО на КФСМ.

Со оглед на зголемениот број на пријавени екипи, ќе бидат поделени во две групи, „Исток“ и „Запад“, според регионална припадност.

Во групата „Исток“ ќе се натпреваруваат екипите на: Патриот-Делчево, Куманово, Крива Паланка, МЗТ Скопје Аеродром, Вардар–Скопје, Пробаскет-Кавадарци и Баскет КАМ-Македонска Каменица.

Во групата „Запад“ се екипите на: Пантери-Скопје, Шкупи-Скопје, Бадел 1862–Скопје, Работнички-Скопје, Гостивар, Струга 2009 и Трокал-Кавадарци.

Во првиот дел ќе има 14. првенствени кола, а по одигрувањето на првата фаза (дома и гости, по еден натпревар) најдобрите три екипи од двете групи ќе се пласираат во „Лигата за првак“, која ќе стартува со пренесени бодови освоени во првиот дел од натпреварите. По одигрувањето на оваа втора фаза, првопласираните четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-офот, и ќе се борат за шампионската титула.

Екипите кои ќе завршат од 4. до 7.позиција во двете групи, ќе продолжат со натпреварувањето во „Плеј-аут“ лигата која ќе брои осум екипи, а ќе почне со пренесени резултати од првиот дел.

Најдобрите две екипи во „Плеј-аут“ лигата ќе обезбедат опстанок, односно ќе бидат дел од Првата лига-жени за сезоната 2021/2022, која ќе има осум екипи-учесници. Преостанатите шест екипи, заедно со други, односно ново пријавени екипи ќе бидат составен дел од Втората лига-жени, во сезоната 2021/2022.

ДВОЈКИ 1. КОЛО

(10. октомври)

ЗАПАД

Пантери – Шкупи

Бадел 1862 – Работнички

Гостивар – Струга 2009

Трокал – слободен

ИСТОК

Патриот – Куманово

Крива Паланка – МЗТ Скопје Аеродром

Вардар – Пробаскет

Баскет КАМ – слободен

Се вчитува...