Кошмар за Пјаца – скинати лигаменти и оштетен менискус

Натпреварот меѓу Естонија и Хрватска беше кобен за Марко Пјаца, кој заработи тешка повреда на коленото на очајниот терен за игра во Рига. Деталните лекарски прегледи ги потврдија стравувањата дека повредата е многу сериозна, откако беше утврдено дека станува збор за скинати вкрстени лигаменти во коленото, како и оштетување на менискусот.

Прегледот со магнетна резонанца во болницата Св. Катарина потврди дека се работи за тешка повреда на коленото. Настрадани се предните вкрстени лигаменти на Пјаца, па сега пред него е операција и повеќемесечна рехабилитација“ – објави Хрватската Фудбалска Федерација на својата официјална веб-страница.

Според хрватските медиуми, Пјаца не само што предвреме ја заврши сезонава, туку сигурно нема да може да настапува на стартот од следната сезона. Првичните прогнози се дека тој нема да може да игра фудбал најрано до октомври, што сигурно е голем удар како за Хрватска во битката за мундијалска виза, така и за тимот на Јувентус во кој Пјаца во последно време добиваше се поголема минутажа.

Се вчитува...